Дали е решена мистеријата? Истражувачите веруваат дека го пронашле изгубениот авион на Амелија Ерхарт

Фото: / akg-images / Profimedia

Тим од археолози и експерти за поморска роботика веруваат дека ги откриле остатоците од авионот на Амелија Ерхарт, воздухопловен пионер и писателка, кој исчезна додека летала преку Тихиот Океан во 1937 година, пишува „Си-ен-ен“.

Експерти од американската компанија „Дип си вижн“ (Deep Sea Vision), која се занимава со истражување на океаните, велат дека со помош на сонар за мапирање на морското дно, забележале аномалија во океанот, на длабочина од 4.877 метри, која наликува на остатоци од мал авион.

Тимот верува дека можеби станува збор за авионот за десет лица „Локхид 10-Е Електра“ (Lockheed 10-E Electra) со кој Ерхарт управувала кога се обидела да лета околу светот.

„Некои луѓе ја нарекуваат најголемата мистерија на сите времиња, што мислам дека е. Имаме можност да затвориме една од најголемите американски приказни“, рече извршниот директор на компанијата Тони Ромео, пилот и поранешен разузнавач на Военото воздухопловство на САД.

Необичните остатоци се откриени на морското дно на околу 161 километар од островот Хауланд, токму на оној каде Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан сакале да слетаат по полетувањето од островот Лае во Папуа Нова Гвинеја. Но, подоцна им се изгубила секаква трага, а по 16-дневна потрага биле прогласени за исчезнати.

Американската компанија скенираше повеќе од 13.400 квадратни километри од океанското дно со помош на напредно автономно подводно возило, познато како „Хјугин 6000“, кое ја мапираше областа со помош на сонар. Експедицијата започна на почетокот на септември минатата година, а заврши во декември.

Фотографија од сонар / Фото: AFP / AFP / Profimedia

Ромео се надева дека ќе се врати на локацијата во рок од една година за дефинитивно да потврди дека се работи за авион, кој најверојатно ќе вклучува користење на далечински управувано возило опремено со камера. Тимот ќе ја испита и можноста за вадење на остатоците на површина.

„Иако е можно да се работи за друг авион, а можеби дури и за авионот на Амелија, прерано е да се каже дефинитивно. Можеби е само бучава во податоците од сонарот, нешто геолошки или друг авион“, рече Ендрју Пиеруска, подводен археолог од Институтот  по океанографија од Универзитетот во Калифорнија.

Документарен филм од 2017 година на „Хистори ченл“ ја предложи теоријата дека Ерхарт и Нунан се урнале на Маршалските Острови, на околу 1.609 километри од Хауланд. Теоријата се заснова на фотографија пронајдена во Националниот архив на САД, на која се гледаат неколку матни фигури, а истражувачите тврдат дека се работи за Ерхарт и нејзиниот авион.

Меѓународната група за откривање на историски авиони теоретизираше дека Ерхарт и Нунан го преживеале слетувањето на гребенот на Тихиот Океан и подоцна починале бидејќи не можеле да воспостават комуникација со копно. Тие тврдеа дека скелетот пронајден на островот Никумароро во Кирибати во 1940 година одговарал на висината и етничката припадност на Ерхарт.

Сепак, официјалната теорија на американската влада и институцијата „Смитсонијан“ дека Ерхарт и Нунан се урнале во близина на островот Хауланд, кога авионот останал без гориво, досега има најмногу покриеност.

Потврдата дека новооткриената аномалија на морското дно е всушност нивниот авион бара враќање на таа локација и понатамошна истрага на остатоците од авионот и би била конечна доколку се открие ознаката „НР16020“ втисната под едно од крилата.

Експертите сметаат дека доколку авионот се најде на таква длабочина, големи се шансите да биде добро сочуван, поради ниските температури и ниската содржина на кислород во водата.

Несреќната судбина и мистериозната смрт на Амелија Ерхарт, прва жена во историјата која го прелетала Атлантскиот океан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот