Несреќната судбина и мистериозната смрт на Амелија Ерхарт, прва жена во историјата која го прелетала Атлантскиот океан

профимедиа

Остана запаметена по нејзиниот последен, трагичен лет за време на кој исчезна засекогаш, трансформирајќи го целиот свој живот во никогаш решена мистерија. Но, пред тој јули 1937 година, Амелија Ерхарт направи бројни други извонредни подвизи.

Била родена во мал град во Канзас во1897 година, од дете обожавала книги и авантури, спортувала, возела велосипед и мразела женска облека што ја спречувала слободно да се движи. Страста за летање се разгорила во 1920 година, кога нејзиниот татко ја одвел на аеронаутички митинг и за цена од еден долар, таа се качила на летот за разгледување на Лос Анџелес.

„Сакам да научам да летам,“ истата вечер ѝм соопштила на семејството.

профимедиа

За да плати часови по летање кај Анита Снук, пионерка во авијацијата, Амелија изнашла десетина работни места. Една година подоцна, со финансиска помош на нејзината мајка, таа го купила својот прв светло жолт авион кој го нарекла Канари и со кој го поставила женскиот рекорд во летање во висина. Во 1923 година ја добила пилотската дозвола, станувајќи шеснаесетта жена во светот што добила дозвола. Но тоа било само почеток за нејзината блескава кариера.

Во 1928 година дошло до пресвртница, по повикот од капетанот Хилтон Х.Рејли кој ѝ понудил да учествува во трансатлантски лет и да стане првата жена што го преминала океанот со лет. Потфатот бил спонзориран од богатата наследничка Ејми Филипс, на предлог на Џорџ Палмер Путнам, издавач и иден сопруг на Амелија.

профимедиа

На 17 јуни 1928 година, Амелија Ерхарт полетала преку океанот, а со неа биле пилотот Вилмер Штулц и механичарот Луис Гордон. Багажот на Амелија се состоел од два шала, чешел и четка за заби. Слетале во Велс, 21 час подоцна и таа веднаш била прогласена за хероина, иако Штулц ја водел контролата на летот. За новинарите и народот станала „Кралица на воздухот“. Таа пак, како одговор на ненадејната слава, рекла „јас бев едноставно патник … Вилмер пилотираше речиси цело време. Јас бев само парче багаж, ме носеа како вреќа компири “.

По првиот подвиг, следел нов – поставила светски рекорд достигнувајќи надморска височина од 18.415 стапки. Потоа, се омажила за Џорџ, задржувајќи го своето моминското презиме и својата независност. За својот брак зборувала како партнерство „со двојни команди“.

Во 1932. одглучила да го повтори летот, овој пат сама за да ги оправда фалбите. Пред неа успеал само Чарлс Линдберг и за бизарна сличност со познатата авијатичарка, Амелија честопати ја нарекувале Лејди Линди. На 21 мај, подвигот бил успешно завршен за 14 часа и 56 минути. Џорџ ѝ се придружил во Лондон и поминале неколку недели во Европа пред да се вратат во Њујорк каде го добила златниот медал од Националното географско друштво кој го прифатила во име на сите жени. На крајот на август истата година станала првата жена што ги преминала Соединетите држави без запирање од Лос Анџелес до Њуарк. Набрзо станала  и првата авијатичарка што го преминала Тихиот океан од Оукленд до Хонолулу.

профимедиа

Несреќната судбина на „Електра“

Успехот бил сензационален. Добила понуди за работа и соработка од бројни места, дизајнирала спортска облека за авантуристки, соработувала со Трансконтиненталниот воздушен транспорт со цел да ги примами жените да купуваат авионски билети и била ко-основач на авиокомпанија. За Амелија, тоа бил уште еден начин да ги приближи жените до авијацијата и да ги охрабри да ги отфрлат општествените норми што ги принудувале на предодредени улоги. Поради ова, основала здружение за на жени пилоти. „Ние жените сме прогласени за неспособни сè додека не го докажеме спротивното“, велела.

Во 1935. станала консултант на Универзитетот Пурдју со цел да ги охрабри жените да изградат кариера во авијацијата. Но, светот на Амелија бил во облаците, не на копно. Истата година таа летала сама од Хаваи до Калифорнија за 17 часа и 7 минути и неколку месеци подоцна станала првата личност што летала „соло“ од Лос Анџелес до Мексико Сити. На почетокот на 1936., испланирала светска турнеја по екваторијалната рута, најдолгата: 47 000 км. Универзитетот Пурдју го финансирал двомоторниот авион „Електра“ со кој ќе се обиде на овој подвиг, изменет според специфичните барања на Амелија. Сепак, летањето со овој авион веднаш се покажало тешко. Првиот обид, во март 1937., едвај ја опфатил рутата од Оукленд до Хонолулу каде што авионот требал да запре на одржување. Три дена подоцна повторно го започнала патувањето, но и тоа било прекинато од несреќа која го оштетила авионот. Третиот обид започнал во Мајами на 1 јуни. По неколку постојки во Јужна Америка, Африка, Индија и Индокина, „Електра“ слетала во Лае, Нова Гвинеја, на 29-ти истиот месец. Поминала 35.000 км, а последните 11.000 биле најризичните – над Пацификот.

Амелија полетала од Лае на 2 јули на полноќ. Авионот бил преоптоварен, а трасата долга. Дестинацијата била Хоуланд, тенка лента земја среде море оддалечена 4.113 км. Оттаму, преку Хонолулу, требала да ја заврши турнејата во Оукленд.

За да се олесни навигацијата, два американски авиони биле во областа за да ја следат трасата. Амелија била во радио контакт со одговорниот на американската крајбрежна стража, Итаска, кој требал да ја води до островот. Но, видливоста била слаба, радиопреносите не работеле добро.

профимедиа

Исчезнувањето на Амелија Ерхарт

„Треба да бидеме над вас, но не можеме да ве видиме – горивото истекува. Не можевме да стигнеме до вас“, била информирана од пилотите.

Итаска пак, испуштил чад за да ја сигнализира својата позиција, но имало премногу облаци. Сите траги од авионот биле изгубени. Илјада хипотези – од погрешни фреквенции до оштетување на антената, вклучително и можноста да останала без гориво, да се удавила, да умрела на пуст остров…па дури и дека почнала нов живот под друго име.

Потрагата започнала со 9 брода, 66 авиони и вкупна цена од 4 милиони американски долари за истражување на површина од 250.000 квадратни метри море. И тоа било бескорисно, па на 8 јули потрагата била прекината, но Џорџ не се предавал и организирал приватна експедиција. Во писмото што го оставила пред да замине, авијатичарката напишала: „Знајте дека сум свесна за ризиците што ги имам, и ако го правам тоа – тоа е затоа што го сакам! Жените мора да се обидат да го направат она што го прават мажите и, дури и кога нема да успеат, нивниот неуспех мора да биде предизвик за другите“.

Амелија била прогласена за законски мртва на почетокот на 1939 година.

Истражувањата продолжиле децении подоцна. Од 1988 година, Меѓународната авијатичарска група „Тигар“, финансирала 13 експедиции под претпоставка дека Амелија продолжила да лета кон островот Гарднер, ненаселен атол сега наречен Никумароро, кој ѝ припѓа на Република Кирибати. Во 1998 година една нова анализа потврдила дека скелетот најден на остовот може да припаѓал на жена. Во 2018 година, понатамошните истражувања утврдиле дека тоа би можела да биде Амелија. Сепак, ниту еден цврст доказ досега не го симна превезот на мистеријата за исчезнувањето на легендарната авијатичарка која инспирираше генерации жени.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот