Далеку е СП: Нов убедлив пораз на ракометарките
Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Романија и на вториот бараж натпревар за пласман на Светското првенство. Ракометарките доживеаја нов убедлив пораз, овој пат на домашен терен и тоа со 20:35 од селекцијата на Романија која дилемите околу пласманот на Мундијалот ги реши уште на првиот натпревар кога славеше со 33:22 и ја оставија Македонија деветта година да биде надвор од големите натпреварувања.
Препорачано
Избраничките на селекторот Симовски одлично го започнаа натпреварот во кој целта беше да се обели образот од убедливиот пораз, и поведоа со 3:1 , но тоа беше се што успеаја да направат. Романките веќе во шестата минута израмнија (3:3), по што и поведоа со 3:4 и водството не го испуштија до крајот. Разликата на полувремето изнесуваше осум гола (10:18) што беше јасно дека Романките ќе остварат нов убедлив триумф.
Во второто полувреме, Романија постепено ја зголемуваше предноста која на крајот изнесуваше дури 15 голови (20:35) со што покажаа дека македонските ракометарки и селекторот Симовски ги очекува многу напорна работа за враќање на Македонија на големите натпреварувања.
Елена Ѓорѓиевска со шест гола беше најпрецизна во македонската репрезентација, додека пет гола даде Елена Ливриниќ, а Сара Ристовски постигна само два гола. Кај Романките, најпрецизна беше Чипер со осум постигнати голови.


