Д-р Жан Митрев: Ние со хемофилтрација само лечевме, не правевме експерименти или клиничко испитување врз пациентите

Жан Митрев Клиника

„Ние со хемофилтрација само лечевме, не правевме никакви експерименти или клиничко испитување. Тоа е само уште една постапка, една можност повеќе, на некои најтешко болни пациенти да им се помогне. Но, како и многу други лекови и постапки во медицината, хемофилтрацијата не е магично стапче со кое ќе се решат сите проблеми на еден пациент, вели д-р Жан Митрев во интервју за порталот Мкд.мк на прашањето дали со хемофилтрацијата е правено паралелно клиничкото испитување.

Тој појаснува што е клиничко испитување.

„Тоа е кога се воведува некој нов лек или средство во третманот на пациентите и тоа го врши и организира производителот на тој лек или средство. Се организира клиничко испитување од производителот, кој е должен да ја пријави таа студија во МАЛМЕД или други институции, а одредени болници или доктори ја спроведуваат по утврден протокол и со тоа резултатите се објавуваат во медицински списанија за тоа дали нешто подобро делува од нешто друго. Значи, и да сме сакале да правиме клиничка студија, не сме можеле, затоа што ние не го произведуваме сетот и филтерот за хемофилтрација. Од друга страна, тоа од производителот е одамна направено. Хемофилтрацијата уште од 1977 год. е дозволена и има ЦЕ марка. Ние како болница од 2008 континуирано ги купуваме овие филтри од овластен дистрибутер во Македонија, кој ги поминал сите законски процедури за регистрација и дозволи за користење на тоа средство во лекување на тешко болни пациенти”, објаснува д-р Митрев.

До пред пандемијата, на одделот за интензивно лекување во 2019 година на Клиника Жан Митрев се направени скоро 200 хемофилтрации кај пациенти со тешки срцеви декомпензации, кои паралелно имале пореметена функција на бубрезите, дијабетичари со изразена склоност кон инфекции. Нивното успешно лекување и стабилизирање на здравствената состојба би било многу потешко без примена на методот на хемофилтрација.

Според д-р Митрев јавноста беше изманипулирана, користејќи го терминот клиничко испитување за нешто што веќе години наназад се користи и за истото има одобрение.

„Хемофилтрација е многу суверена метода во лекувањето на најтешко болните пациенти, таа буквално во најголемиот број случаи му го спасува животот на пациентот, ако се вклучи на време и се направи како треба. Штета е на ваков начин да се дискредитира една медицинска постапка”, вели д-р Митрев во интервјуто.

Д-р Жан Митрев во првото интервју во јавноста дадено на порталот мкд.мк одговара на прашањето за барањето за времена забрана за емитување на емисијата во која беше обвинет. На прашањето дали е тоа обид за цензура, д-р Митрев вели дека не станува збор за никаква цензура.

„Јас ја почитувам целосно слободата на изразување и новинарската работа. Но, советот од мојот правен тим е издржан бидејќи станува збор за класичен говор на омраза кој се употребува против мене. После таа емисија започната е постапка против мене и јас морам да ги користам сите правни механизми кои ми се оставени како можност. Не станува збор за никаква цензура. Нека одлучи судот, а јас целосно ќе ја почитувам одлуката”, вели д-р Митрев.

Инаку, Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули годинава, по емитувањето на документарниот филм на ИРЛ „Нечиста крв“ во кој роднини на пациенти сведочат за загубата на нивните блиски кои со хемофилтрација на крвта биле лекувани во приватната клиника во текот на ковид пандемијата.

Поради опасност од бегство, Кривичниот суд Скопје по барање на обвинителството му ги одзеде патните исправи на д-р Жан Митрев, а пред две недели даде и гаранција од милион евра дека нема да бега од државата.

Жан Митрев бара да се избрише документарецот „Нечиста крв“, за ИРЛ и ЗНМ тоа е правен апсурд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот