Д-р Стојанов: Ковид не разликува погреб од свадба, а протоколите не се почитуваат!

Д-р Александар Стојанов, Фото: Архива

Епидемиолошката слика со ковид-19 во земјава драстично се влошува. Според последната статистика на Институтот за јавно здравје од 28 септември до 4 октомври регистрирани се нови 1203 случаи на заразени со коронавирусот од 31 град што претставува зголемување на бројката за речиси 36 проценти споредено со неделата пред тоа. Само вчера имаше 317 нови заболени од ковид-19.

Комисијата за заразни болести има уште неколку механизми што може да и ги предложи на владата за да се смири состојбата, меѓу кои носење задолжителна маска на отворен простор и ограничување на работното време за угостителските објекти, меѓутоа тоа уште се нема случено. Сепак, нашите извори од Комисијата потврдуваат дека наредниот период овие две мерки не се исклучени.

Доктор Александар Стојанов, директор на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести за ,,Слободен печат” вели дека среќа во несреќа е што најголем број на новозаразените изминатата недела се од помладата возрасна група која без симптоми или полесно го поминува вирусот, меѓутоа дека новиот корона бран е резултат на групирања, свадби и непочитување на мерките.

Засега, според доктор Стојанов болниците не се преполни, меѓутоа мора сите граѓани да помогнат болниците да не се наполнат зашто тогаш смртноста драстично ќе се зголеми.

-Имало 1000 свадби во септември во Македонија. Тие не беа никогаш дозволени. Не може да дозволуваме концерти, свирки, забави, да се оди од маса до маса да се свири на уво. Во комбињата за јавен превоз особено во западна Македонија наместо 30 души, треба да се возат по 10 души. И таму не се носи маска, а на возачите не им се исплаќа економски да ги почитуваат протоколите. Ништо не се почитува, ниту еден протокол и ова е резултатот. Комисијата за заразни болести секојдневно трпи притисоци од разни економски субјекти да дозволи собири и функционирање на бизниси кои во цел свет се сметаат за ризични за ширењето на заразната болест. Јас ги разбирам и нив, дека се во тешка економска состојба, меѓутоа ние не сме Комисија за економија, туку комисија која мора да се грижи за јавното здравје, ни рече доктор Стојанов.

Тој додава дека и фудбалската федерација барала да организира натпревари со публика, ноќните клубови притискаат да им се дозволи да работат, состојби кои несомнено се косат со логиката за справувањето со пандемијата.

-Се чудиме што не снајде. Ни објаснуваат дека ноќните клубови се сигурни и дека таму немало да се шири ковид зашто бината била висока. Уште на почетокот на пандемијата од искуството со Јужна Кореа ни е јасно дека ноќните клубови се жаришта на коронавирусот и затоа не смее да се дозволат такви собири. Светот не измислува топла вода. Многу тешко оди работата. Немаме друго чаре освен мерките. Состојбата се влошува во цела Европа и не смееме да си дозволиме да имаме по 1000 случаи дневно. Точно е дека од новозаразените, имаме зголемување од 22 проценти во возрасната група од 20 до 50 години. Тоа ни кажува дека станува збор за најактивната група која најмногу се дружи, најмногу оди во ноќни клубови, со музика со собирање. Ковид не разликува свадба од погреб, самото групирање е проблемот. Каде ќе легнат овие луѓе дали размислуваат, дури и да направиме балони на дување и да ставиме кревети и да ги претвориме во болници, кој ќе ги лекува? Ние и сега кубуриме со персонал, во Скопје на пример имаме 180 заболени, верувајте не можеме да постигнеме сите ниту да ги анкетираме! Апелираме, помогнете ни, носете маски, одржувајте дистанца, додава докторот.

Доктор Никола Пановски предвидува дека сценаријата ќе бидат уште полоши ако граѓаните не почнат да ги почитуваат мерките и дека може да се случи да имаме и по 1000 новозаразени на ден. Ако ситуацијата не спласне според него владата треба да почне да размислува за воведување полициски час. Дополнителен ризик фактор за трансмисија ќе биде и загадениот воздух на зима, односно пм 10 честичките кои според некои научни трудови може да бидат трансмитери на коронавирусот.

Во Белгија од денеска сите кафеани и кафетерии ќе работат со ограничено време до 23 часот. И Париз, како најпосетувана туристичка дестинација воведе рестрикции за угостителскиот сектор. И европските земји се соочуваат со раст на случаите. На пример Франција регистрира 12.000 нови случаи секој ден, а Данска по 2.500 дневно. И во Москва има 2.500 на ден.

Според последниот извештај на ИЈЗ најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 519, односно 43,1 процент, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово-192,3 на 100.000 жители. Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 12.2 проценти или 3 проценти повеќе во однос на претходната недела.

Пријавени се 30 смртни случаи, 7,1 проценти повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 24 лица биле над 60 години, а 6 лица на возраст од 50-59 години. 29 од случаите биле хоспитализирани, а само едно лице од починатите не било хоспитализирано. Коморбидитети се регистрирани кај 20 починати лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот