Д-р Радмила Димовска: Најдобра награда за вложениот труд е широката насмевка на пациентот

Ние сите сме доктори, нема тука машки или женски род. Мислам дека предрасудите се одамна надминати во медицината и стоматологијата. Се гордеам кога пациентите ме одбираат, не заради тоа што сум жена, туку заради квалитетот кој го вложувам во работата, а за да се стигне до тоа значи секојдневно учење, истрајност, знаење и вложен труд, вели д-р Димовска.

Д-р Радмила Димовска месецов прославува 25 години отако првпат почнала да работи како стоматолог. Погледнувајќи наназад, се присетува дека прва дипломирала во својата генерација со највисок просек, а сега е специјалист по ортодонција и доктор на науки од областа на мултидисциплинарниот менаџмент на расцепите. Навлегува и во тајните на „антиејџинг“ медицината, естетиката и ласерската стоматологија. Вели дека го живее својот сон.

Ја прославуваш 25-годишнината од работата како стоматолог. Какви квалитети треба да поседува еден добар стоматолог?  

Пред сè да си ја сака работата. Кога го правиш тоа што го сакаш, времето минува и вие не го чувствувате. Е, тоа е среќа. Ние трошиме две третини од нашите животи на работа, а ако таа не е „твоја“, ако не си задоволен со неа, што си направил? Секојдневно размислувам за своите пациенти, дали е правилно одбрана терапијата, дали се задоволни, дали можеше нешто подобро да се направи, како да ги убедам дека пристапот кон корекција на насмевката треба да биде целосен, а не кореција на поединечни елементи. И ете, така поминаа 25 години, секојдневно трудејќи се да бидам подобра во тоа што го правам, да го живеам својот сон, да оставам трага зад себе. Нема подобра награда за вложениот труд од тоа пациентот да е задоволен со својата широка насмевка.

Кои напредни услуги во врска со естетската стоматологија најмногу се барани од Македонките?

Здравјето и убавината на усните, устата и забите денес се доминантен и најекспониран дел од лицето, се разбира, во хармонија со вкупната убавина на лицето со негувана кожа и лесна шминка. Постојат многу клинички и технички можности кои се првенствено во функција на зачувување на здравјето и природноста на постојните заби како, на пример, ласерско избелување на забите, употребата на најсовремената невидлива ортодонција, изработена на порцелански и циркониумски ламинати, циркониумски мостови, и така натаму.

Според повеќе истражувања, еден од најраширените стравови е страв од стоматолог. Како да се надмине овој страв?

– Редовните посети во ординација се од голема важност, бидејќи само на тој начин проблемите се идентификуваат и третираат многу пред целата ситуација да се влоши. Современата стоматологија нуди многу техники и методи за надминување на стравот од стоматолошката ординација. Денес посетата на стоматолог може да се смета за удобно и пријатно доживување.

Што може да очекуваме во естетската стоматологија во наредните пет години?

– Дефинитивно тоа што следи е комплетната дигитализација во современата стоматологија, а тоа значи поквалитетен пристап кон пациентот, покавалитетни изработки, а сè тоа за минимално потребно време. Само на тој начин пациентот ќе биде комплетно задоволен со тоа што го бара и со тоа што го добива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот