Цветната оаза на Марина (и Томче) во село Волкодари: Жена со секогаш миризливи дланки и цветови во очите

Годинава Марина Дочовска од Општина Ресен ја доби наградата жена – најдобар земјоделец во Преспа. Освен по своите земјоделски вештини, Марина е позната по цветниот рај во својот двор. Па, ако минувате низ Ресен, подзастанете во село Волкодари и напојте си ги очите со убавина.

Цветната оаза, меѓу граѓаните позната како „Куќата на цвеќето“, се наоѓа во с. Волкодери,  Ресен, поточно градината се простира пред куќата на Марина и Томче Дочовски, кои се заслужни за овој рај на Земјата.

Марина Дочовска

Одгледувањето на цвеќињата започнало години наназад. Но, тоа останало најголемо хоби на Марина, кое ја исполнува и ја прави среќна.

Фото: Приватна архива

– Куќата и дворот секогаш билe атрактивни за минувачите кои љубопитно застануваа, фотографираа, и со восхит изразуваа желба да купат од нашето цвеќе. Така, моето хоби пред неколку години прерасна во прекрасен семеен бизнис. Претежно работиме со саксиско цвеќе, петунии, сардели, бегонии, олеандри, виоли, хризантеми, бонбончиња. Имаме и лимони, палми, јавори, бугенвилија, ружи…, богат избор за сечиј вкус – вели Марина.

Во оваа цветна оаза годишните времиња се отсликуваат преку боите, се прелеваат врз цвеќињата како утринска роса, се прикажуваат со цела своја раскошност.

Сè ова бара голема посветеност и време, но кога човек сака и работи со љубов, може сè да се постигне / Фото: Приватна архива

– Градината е постојано цветна и разнолична во секоја временска сезона. Дополнителна свежина даваат и многубројните фигури од кои секоја си има своја приказна. Секако дека сè ова бара голема посветеност и време, но моето мото е дека кога човек сака и работи со љубов, тогаш може сè да се постигне – додава жената со секогаш миризливи дланки и цветови во очите.

Основната дејност на семејството Дочовски е земјоделството. Располагаат со три хектари земја со насади на јаболка. Најмногу ајдарет, а има и златен делишес и муцо.

– Досега, за среќа, имаме добар пласман и задоволни сме. Годинава дополнителен мотив за мене беше наградата што ја добив од Општина Ресен за жена – најдобар земјоделец во Преспа, што многу ми значи. Нашиот Ресен е мал, но многу убав град. Чест и големо задоволство е што покрај незаменливото јаболко, Преспанското Езеро и природните убавини, сега и нашата куќа стана симбол на препознатливост и промоција на градот – ни рече Марина.

Фото: Приватна архива
Во оваа цветна оаза годишните времиња се отсликуваат преку боите и се прикажуваат со целата своја раскошност.

Марина ги охрабрува сите љубители на цвеќето да се осмелат и да го следат нејзиниот чекор:

– Разубавете ги своите градини и да докажеме дека и ние имаме преубави места кои изгледаат светски, а се наши.

Ако минувате оттука, подзастанете и напојте си ги очите со убавина. И понесете со себе барем две цветни гранчиња. Едно во рацете, другото во очите.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот