„ЦРНАТА СЕКИРА“ СЕЕ СТРАВ НИЗ ЕВРОПА: Банда од Нигерија која тргува со луѓе, оружје и дрога ги плаши жртвите со ритуали и магии

Фото: Профимедиа

Откако нивното делување значително се прошири на територијата на Италија, озлогласената нигериска банда „Black axe“ (Црна секира) која е позната дека ги плаши луѓето со наводно користење на магии, полека ја презема и Шведска, пренесе „Србија данас“.

Според информациите, тие веќе контолираат одредени територии во најголемите градови Стокхолм и Гетеборг, а шведската национална телевизија пријави дека полицијата потврдила нивно присуство во универзитетскиот град Упсала.

Зошто се викаат „црна секира“

„Црна секира“ ја нарекуваат култот на смртта, а нивната основна „дејност“ е трговија со дрога и луѓе. Тие се познати по своите убиства, киднапирања и употреба на магија како инструмент за уцени и заплашувања.

– Тие имаат заложнички кои ги плашат со верувањата дека ќе завршат лошо поради магиите фрлени над нив доколку ги напуштат работните места како проститутки. Продаваат и кокаин и хероин – предупреди портпаролот на полицијата во Упсала, Јале Полјаревиус.

На почетокот на септември, момче со 70 капсули хероин и кокаин е уапсено на аеродромот во Стокхолм. Признал дека за бандата работи како курир, поради тоа што го убиле неговиот татко во Нигерија и се заканувале дека ќе ја убијат неговата мајка.

– Тие користат закани, но исто така знаеме дека убиваат луѓе. Сепак, засега немаме назнаки дека тоа го правеле во Шведска. Знаеме што се случуваше во Нигерија и во земјите каде ја тие ја поставија својата мрежа – додаде портпаролот на шведската полиција во Упсала.

Денес мрежата е широко распространета, од родната Нигерија на криминалците, па сѐ до Европа и Канада. Досега во Италија „црната секира“ остави најдлабок траг, а за тоа колку се моќни сведочи и фактот оти влегле во судири со мафијата „Коза Ностра“ на Сицилија. На крајот тие успеале да постигнат компромис, а дел од заработката мораа да ѝ го оставија на „домашната“ мафија која со години делува во овој регион.

Мигрантите под најголема закана

Во Европа најзагрозени од нив се мигрантите од западна Африка, на кои им ветуваат работа, а потоа ги вклучуваат во криминалните активности. Шведската полиција предупреди дека припадници на оваа банда регрутираат пред џамии во Стокхолм.

За да привлечат што повеќе луѓе, тие исто така користат закани со наводни магии. Се верува дека вршат ритуали и ги уверуваат жртвите оти бандата ќе им ја украде душата ако не ги слушаат нивните наредби или ако ги пријават во полиција.

Важно е да се спомене дека нигериската мафија во универзитетскиот град Бенин, каде се основани тајните култови на крајот на 1960-тите и на почетокот на 1970-тите години, меѓу другото, имала силни политички аспирации и антиколонијалистички ставови. Но, со тек на времето, особено по кризата која ја погодила Нигерија во 1980-тите години, тие се откажале од политичките идеали и се етаблирале како криминална организација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот