Чупиќ: Со две домашни победи би обезбедиле осминафинале во Европската лига
По стартниот пораз од Бенфика во Лисабон, Португалија, ракометарите на Вардар 1961 се фокусирани на вториот натпревар од главната фаза на ЕХФ Европската лига во вторник (24 февруари) во Скопје против Мелсунген од Германија (20.45 часот).
Препорачано
Продажбата на билетите за овој меч се одвива преку онлајн платформата на www.ticketx.com.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ секој работен ден од 10.00 до 18.00 часот.
Пред натпреварот со Мелсунген, РК Вардар 1961 одржа прес-конференција на која тренерот Иван Чупиќ и ракометарот Јака Малус ги кажаа очекувањата од овој меч:
– После уводен пораз од Бенфика, знаевме дека важен меч е пред нас. Ја знаеме силата на Мелсунген, ќе се спремаме за нив. Нема што многу да се каже. Квалитетна екипа, има квалитетен тренер, играат заедно неколку сезони. Наша цел е дека со два домашни меча би обезбедиле осминафинале, тоа е наш прв план. За да се реализира тоа, нè чека тежок дуел. За крај на моето излагање, се надевам дека после тешка недела пред нас и што завршивме убаво против Алкалоид, утре ќе ја наполниме салата, и ние на терен и навивачите на трибина ќе направиме атмосфера, и задоволни со два бода ќе продолжиме – изјави Чупиќ.
Во рамките од групата 3, Мелсунген во првото коло дома го совлада шведскиот ИФК Кристијанштаде со резултат 33:29.
– Сите знаеме што е екипата на Мелсунген, но мислам дека после мечот во Автокоманда покажавме дека имаме карактер, после еден пораз не паднавме, не сме заборавиле да играме ракомет. Мораме да одиме на победа, заслужуваме да имаме полна сала, со таква атмосфера ќе ни биде полесно. Екипите во Германија не знаат што значи ваква атмосфера, да ни помогнат и да победиме на мечот и да направиме чекор кон нашата цел – вели Малус.


