Чулев: Оставка од Спасовски, кај Скендербег имаше само тројца позорникари, затаи и физичкото и оперативното обезбедување на протестот

Наќе Чулев, ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ го анализираше протестот од безбедносен акспект и укажа на серија пропусти, кои според него треба да резултираат со оставка на актуелниот министер Оливер Спасовски, но и на министерот за надворешни Бујар Османи.

Според Чулев протестот бил уредно најавен, со однапред позната маршута на движење и точки на застанување.

МВР е должна да изготви оперативен план каде ќе предвиди мерки и активности за физичко, оперативно и сообраќајно обезбедување на протестот. Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи е должен секогаш кога има протест да организира освен одржување на јавниот ред и мир и заштита на виталните државни објекти, да обезбеди и непречено одржување на протестот и заштита на безбедноста и животот на учесниците во протестот. Оперативното планирање се врши врз основа на безбедносна проценка која вклучува безбедносни ризици вклучително и безбедносен ризик за учесниците на протестот. Притоа, се утврдуваат и сектори односно критични безбедносни точки каде што би можело да дојде до сериозни безбедносни инциденти односно нарушување на јавниот ред и мир.  Во таа насока согласно безбедносната проценка и оперативниот план се предвидува и соодветен распоред на полициски сили и средства и мерки и активности кои треба да се преземат. Речиси секогаш во досегашните оперативни планови секторот Мавровка односно плоштадот Скендербег е идентификуван како критична безбедносна точка, нагласи Чулев.

Според толкувањето на Чулев, за време на вчерашниот инцидент, на оваа локација, каде е неопходно дури и висинско обезбедување, видливи биле само тројца позорникари.

Ова значи дека целосно е потфрлено во физичкото обезбедување со непредвидување на доволен број на полициски сили и соодветни материјално-технички средства. Дополнително, од професионално неразбирливи причини, мистериозно затаило и оперативното обезбедување, во насока на благовремено информирање за групирање на лица со намера за попречување на протестот и загрозување на јавниот ред и мир и односно загрозување на безбедноста односно животот на протестантите, констатира екс министерот и искусен разузнавач Чулев.

Лично го нападна министерот Спасовски дека воопшто не водел грижа за безбедноста на граѓаните учесници во протестот.

Од овие причини и непреземање на мерки и активности дојде до сериозно нарушување на јавниот ред и мир, предизвикување на општа опасност и други кривично-правни дејствија. На овој начин од страна на партиските послушници на Оливер Спасовски е сторено кривично дело несовесно вршење на служба. Должност и задача на министерот и неговите соработници е да ја заштитат безбедноста на учесниците на протестот, а тие очигледно тоа не го направиле загрозувајќи го нивниот живот. Инфилтрирани провокатори, провокативни легитимирања, уцени, закани, прекумерна употреба на брутална сила, непреземања на должни дејствија и друго е само дел од modusot operandi на овој хибриден режим во насока на модерирање на гневот на граѓаните особено на младите протестанти и предизвикување на инциденти и ескалација на протестот со крајна цел дискредитација и угушување на сенародниот граѓански протест. Оливер Спасовски треба кривично да одговара и самиот да си поднесе оставка, рече Чулев.

Од причини врзани со францускиот предлог оставка треба да си поднесе и Османи, смета Чулев.

Оставка треба да си поднесе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој повикуваше и се закануваше со етнички инциденти доколку не помине предлогот со кој Македонија ќе се асимилира и бугаризира. Оставки затоа што тргнаа против својот народ за да ги сочуваат привилегиите и власта, нагласи Чулев.

Тој упати и порака до  полициските службеници и припадниците на безбедносните служби.

Почитувани колеги, знам дека овие денови сте предмет на енормни политички притисоци. Знам дека најголем дел од вас се патриоти кои душа ги боли за Македонија. Знам дека многумина од вас сте подложни на континуиран мобинг, дискриминација, дисциплински постапки, суспензии, осветнички наредби за прераспоредување. Судбина која заеднички ја споделуваме, меѓутоа достоинството и слободата немаат цена. Мојата порака да вас е бидете истрајни и силни и продолжете чесно, достоинствено и професионално согласно законот да ги вршите вашите обврски и не дозволувајте по никоја цена партиски директиви да бидат основа за ваше постапување. Се е минливо. Се ближи денот кога оваа хибридна власт ќе падне. А, по падот на оваа ненародна власт повторно ќе се врати системот на кариера, ќе се почитува професионализмот и ќе се наградуваат најдобрите. А, сите вие кои сте неправедно дискриминирани верувајте ќе го добиете заслуженото место, нагласи Чулев.

Утрово министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека граѓанските протести биле обезбедувани од доволен број на полицајци, според оперативните сознанија и проценки на службите при што се избегнати инциденти од поголеми размери. Од тие причини, што хиерархиски службите работат добро, а полициската оператива си ги завршува задачите, не може да се бара одговорност од оние што спречуваат да дојде до инцидент.

Видео на денот