Човечка грешка е причина за трагедијата на автопатот „Струма“

автобуска несреќа бугарија
Автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 патници од Македонија/Фото: Nikolay DOYCHINOV / AFP / Profimedia

Пронајдени се три туби, кои не биле полни, не се запалени и пожарот не избувнал од нив. Верзијата дека станува збор за терористички акт е категорично отфрлена. Како причина за несреќата водечка верзија во овој момент е човечка грешка – рече бугарскиот обвинител Сарафов.

Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата – изјави вчера на прес-конференција бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов, соопштувајќи ги првите наоди од истрагата за несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија, каде во македонски туристички автобус настрадаа најмалку 45 патници, а седум беа повредени.

– Аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот – рече Сарафов.

Според првичните наоди од истрагата, до пожарот на автобусот на „Беса транс“ дошло кога многу силно удрил во десната ограда на автопатот, па потоа на левата. Од стружењето од оградата и асфалтот настанал ефект на шмиргла, при што се создале многу искри и од искрите се запалиле течностите на автобусот – нафта, масла од моторот и менувачот, а се вжештиле и воздушните перничињата, што дополнително придонело да настане пожар од невидени размери. Тоа што го чуле преживеаните како експлозија било силниот удар на автобусот во оградата.

Не се туби со бензин, не е тероризам

Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за причините поради кои автобусот ја напуштил патеката на движење. Овинителот забележа дека во медиумите има доста шпекулации и мислења на псевдо-експерти, дека во медиумите видел 15 или 20 очевидци, а во реалноста нема ниту еден очевидец на настанот.

– Прво, испрашaни се двајца од патниците во автобусот, кои биле будни во моментот на несреќата. Двајцата даваат објективни информации, поединечно се испрашани и исказите им се совпаѓаат, поради што ги земаме за исклучително точни. Денеска се испрашуваат и двајца други кои се во болница – изјави Сарафов.

Разгледани се, но категорично се отфрлени, рече Сарафов, и верзиите за терористички акт и туби со нафта, како можни причини за несреќата.

– Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт – изјави Сарафов.

Екипа од обвинителството ан Бугарија вчера пристигна во Скопје за да ги подигне изработените ДНК профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите. Потоа, нагласи Сарафов и ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.

Мистеријата на „осмиот патник“!?

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева рече дека при распитот еден од преживеаните рекол дека се спасени 8 лица, а не 7. Во исто време, на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Затоа, истражителите ја проверуваат верзијата за да видат дали има уште еден преживеан и каде е тој.

– Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.

Нема трага дека автобусот поминал граници!?

Додека трае истрагата во Бугарија, во Македонија пак Министерството за транспорт и врски информираше дека на фирмата-превозник „Беса транс БТБ“ ѝ се одзема лиценцата за работа, односно ѝ се забранува вршење дејност.

Од Транспорт соопштија дека за автобусот во кој загинаа 45-те патници немал извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту, пак, за друг вид јавен превоз на патници, а возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци. Министерството за транспорт и врски констатирало дека има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре.

Царинската управа, пак, соопшти дека по извршените проверки, утврдено е дека не било воопшто евидентирано дека автобусот на „Беса транс“, кој изгоре во страотна несреќа на автопат во Бугарија, ја напуштил државата. Двајца цариници се суспендирани поради неправилно постапување.

„Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК-0284-БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници. За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“, се вели во соопштението.

Агенцијата „Беса транс“ преку соопштение негира дека во нејзиниот автобус кој во вторникот изгоре на автопат во Бугарија, се превезувале резерви со нафта или други горива, а немало ниту пиротехнички материјали. Велат дека само истрагата може да ги даде точните информации за несреќата.

„Како агенција ја известуваме јавноста, како и семејствата на трагично загинатите дека автобусите во никој случај немале никаков багаж со нафта или пиротехника. Ова се шпекулации од страна на оние кои сакаат да ја искористат оваа трагедија. Целосниот капацитет на автобусот бил 450 до 500 литри нафта, само за користење за потребите на автобусот. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации со кои уште повеќе ги повредуваат семејствата“, се вели во соопштението од „Беса транс“.

Д-р Станков: Направени се 44 обдукции, но има и остатоци од тела

Директорот на Институтот за судска медицина доктор Александар Станков, кој учествуваше во обдукциите како поддршка на бугарските вештаци, вели дека завршени се 44 целосни обдукции, но и дека има остатоци од тела.

– Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица. Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани – рече професорот.

Тој демантира дека во моментот е можно да се тврди дека има 44 или 45 тела, бидејќи остатоците од тело треба да се поврзат со ДНК анализа во иднина и тоа да го прецизира бројот на жртвите.

Се јави „осмиот патник“ Шади Салех: Немам ништо со несреќата, по грешка ме ставиле на списокот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот