Член на жирито на БАФТА поднесе оставка поради расистичката навреда на церемонијата
Членот на жирито на БАФТА, Џонте Ричардсон, поднесе оставка поради начинот на кој организацијата реагираше по инцидентот со расистичка навреда извикувана од лице со Туретов синдром за време на неделната церемонија во лондонскиот „Ројал фестивал хол“. Наградуваниот писател, режисер и продуцент се повлече од жирито за нови таленти.
Препорачано
Во објава на Линкдин, Ричардсон наведе дека постапувањето на организацијата било „целосно неоправдано“. Тој истакна дека не може да соработува со институција која, според него, „повторно не успеала да го заштити достоинството на своите црни гости, членови и креативната заедница“. Додаде дека е особено разочаран што ова се случува во година во која, како што посочи, има исклучителни црни таленти во селекцијата.
Инцидентот се случи додека актерите Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо ја врачуваа наградата за визуелни ефекти, кога активистот Џон Дејвидсон од публиката извикуваше расистичка навреда. Дејвидсон подоцна ја напушти салата и се извини, нагласувајќи дека неговите вербални тикови се неволни и не ги одразуваат неговите ставови.

Во официјалното соопштение, БАФТА наведе дека презема „целосна одговорност“ и им се извини на сите засегнати, особено на Џордан и Линдо, заблагодарувајќи им за достоинството и професионалноста. И Би-би-си се извини што навредата не била исечена од одложениот телевизиски пренос и соопшти дека ќе биде отстранета од платформата АјПлејер.
Од студиото „Ворнер брос“, според извештаи на „Дедлајн“, изразиле загриженост уште пред емитувањето и побарале навредата да биде отстранета од преносот. Не е познато зошто тоа не било сторено навреме.
Поддршка за Дејвидсон изразија и од организацијата „Туретс екшн“, која нагласи дека тиковите се неволни и не се одраз на личните убедувања на поединецот. Туретовиот синдром, според британскиот здравствен систем, предизвикува ненадејни и повторувачки звуци или движења, а во ретки случаи може да доведе до неконтролирана употреба на навредлив јазик. Лек не постои, но терапијата може да помогне во управување со симптомите.
БАФТА 2026 – „Една битка по друга“ освои најмногу признанија на британските филмски награди


