„Чкембари“ ја обвинија кумановската полицијата за неспособност: Безбедноста не може да биде изговор
По турбулентните сцени на полуфиналниот дуел од Купот меѓу КК Куманово и КК Пелистер, денеска со своја реакција се огласи и навивачката група Чкембари.
Препорачано
Битолските навивачи беа дел од инцидент што се случи уште пред почетокот на натпреварот. Тие тврдат дека и покрај претходно најавеното и одобрено гостување, не им било дозволено да влезат во салата во Куманово.
Во продолжение нивната реакција:
„Навивачката група Чкембари остро реагира на настаните што се случија вчера при нашиот влез во салата во Куманово, кога на веќе пријавено и одобрено гостување во МВР ни беше соопштено дека не можеле да ни гарантираат безбедност и поради тоа не бевме примени. Недозволиво е луѓе да земаат слободни денови, да губат од својата работа, да патуваат стотици километри со љубов кон клубот, за на крај да останат пред врата. Ова не е организациски пропуст, ова е непочит кон навивачите.
Безбедноста не смее да биде изговор за импровизација и недоследност. Ако гостувањето е дозволено и потврдено, тогаш мора да постојат услови тоа да се реализира. Сè друго е срамота и понижување за сите што живеат за клубот.
Очекуваме јасно објаснување и одговорност за оваа одлука, како и гаранции дека вакви ситуации нема да се повторат. Трибината не се замолчува со затворени врати“, стои во нивната реакција.
Во меѓувреме, од СВР Куманово информираа дека во текот на вчерашниот натпревар бил приведен еден навивач, а надлежните работат на целосно расчистување на случајот.
ФОТО | „Чкембари“ предизвикани од девојче направиле инцидент во локал на автопатот Скопје – Велес


