Четврти протест на опозицијата за поништување на изборите пред седиштето на Изборната комисија
Пред седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) во Белград, вечерва од 18 часот почна четвртиот по ред протест на граѓаните, кои бараат распишување на избори на сите нивоа, вклучително и оние за советници на главниот град Белград.
Препорачано
Граѓаните излегоаа на протест на повик од опозициската коалиција „Србија против насилството“, која тврди дека победата на владејачката Српска напредна партија (СНС) на неделните избори е резултат на изборна кражба.
Коалициската претставничка Мариника Тепиќ, која штрајкува со глад од 18 декември, им порача на демонстрантите на протестот дека на штрајкот со глад треба да се приклучат уште две пратенички од опозицијата, Јелена Милошевиќ од Ниш и Даниела Грујиќ од Нови Сад.
Таа испрати порака дека уште повеќе ќе ја засилат борбата, се додека не се поништат изборите.
Еден од лидерите на коалицијата, Мирослав Алексиќ, изјави дека претставниците на „Србија против насилството“ добиле дозвола од Републиканската и Градската изборна комисија да извршат увид во избирачкиот список.
Вакво барање поднесоа претходно на 21 декември бидејќи, како што наведуваат, имаат докази дека се украдени изборите во Белград.
Алексиќ, исто така, изјави за новинарите дека другата опозициска коалиција, НАДА, го поддржала барањето за поништување на изборите.


