Центарот за социјални работи дозволил дете жртва на полов напад од таткото да се гледа со него под надзор

Семејно насилство/ фото: Архива на Слободен печат

Девојче од Скопје кое пријавило дека таткото полово ја злоставувал, сега треба да се гледа со него во Центарот за социјални работи Скопје, затоа што Кривичниот суд од 2018 година не донел судска одлука за предметот, па државата го третира таткото како невин и му ги дава родителските права. Девојчето имало 5 години кога се случил кривично-правниот настан за кој е осомничен таткото и тоа самото било пријавител на половиот напад.

Центарот за Социјални работи Скопје иако знае дека во тек има има судски процес вово кој осомничен е таткото, по одлука на Управниот суд дозволил девојчето да се гледа со него, односно институциите на системот ги ставиле родителските права на таткото пред правата на детето жртва.

Адвокатката која го застапува детето, Наташа Бошкова за „Слободен печат“ вели дека веќе ја обжалила одлуката.

– Врз основа на одлуката на Управен суд, Центарот за социјални работи го донесе ова решение. Управниот суд ја укина одлуката на Министерството како второстепен орган и го врати предметот на повторно одлучување и врз основа на насоките од Управен суд , Центарот за социјални работи го донесе ова решение. Практично сега треба да се применува решението на Центарот за социјални работи. Ние поднесовме жалба, ама жалбата не го одлага извршувањето. Детето не се има видено со него, мајката не го носи под ризик дури и кривично да одговара. Ако институциите не го штитат интересот на детето тогаш мајката е тука да го заштити, рече адвокатката Бошкова за „Слободен печат“.

Предметот за половиот напад врз дете во судница е од 2018 година и уште нема никаква правосилна пресуда. Врховниот суд уште во мај минатата година утврдил дека е повредено правото на судење во разумен рок и го задолжи судот во рок од 3 месеци да постапи и да ја заврши постапката, но таа уште е во тек во јануари 2024 година.

– Ова развлекување на кривичната постапка практично остава простор таткото да си поднесува барања, да се третира себеси како невин и да си ги остварува родителските права. Ако Кривичниот суд навреме донесеше пресуда верувам дека ни Центарот за социјална работа немаше да има простор за вакво решение. Иако и сега немаат простор, бидејќи Законот за заштита на правата на децата е јасен и таму е јасно наведено дека жртва и сторител без разлика дали се татко и дете, не смее да се среќаваат и да контактираат додека тече постапката. И сега родителското право на таткото го ставаат пред правото на детето. Родителството не е само право, туку е и повеќе обврски покрај правата, додава Бошкова.

Според информации на „Слободен печат“ имало и историја на насилство меѓу таткото и мајката за што се воделе други постапки. Инаку постојат лекарски потврди од кои е евидентно дека девојчето е под тешки трауми. Случајот го објави порталот СДК.

Оттаму се обратиле до Кривичниот суд од каде кажале дека ниедно од судењата за кривичното дело полов напад врз дете што не наполнило 14 години, не било одложено по вина на судот.

– По консултација со надлежниот судија, ве известуваме дека предметот е во завршна фаза, односно на следната главна расправа насрочена за 7 февруари годинава повикани се последните двајца вештаци кои треба да се сослушаат. Потоа следуваат завршни зборови и објава на првостепената пресуда. За предметот се насрочувани редовни расправи и ниту една од расправите не била одложена по вина од судот, а воедно предметот е набљудуван и од Коалицијата сите за правично судење, одговориле од Судот за СДК.

Судијката која го води предметот е Љубинка Башеска.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот