Цела генерација е во сериозна опасност поради храната што ја јадат уште од детството
Првата генерација на која уште од детството ѝ се сервира ултрапреработена храна.
Препорачано
Истражувањето спроведено од Универзитетот во Мичиген доведе до вознемирувачки нови наоди. Тие открија дека генерацијата Икс (Х) (1965-1980), онаа помеѓу бејби-бумерите и миленијалците, е најмногу изложена на ризик за здравјето токму поради храната што ја консумирале или сè уште ја консумираат и ден-денес, пишува „Индепендент“.
Сериозна зависност
Ова е само втора студија во САД што ја проучува поврзаноста помеѓу постарите групи и ултрапреработената храна (УПФ), а укажува дека генерацијата Икс е првата којашто уште од детството имала такви намирници како значаен дел од нивната исхрана. Резултатите се јасни: 21 отсто жени и 10 отсто мажите од генерацијата Икс ги исполнуваат критериумите за зависност од ултрапреработена храна, што ги надминува другите зависности како што се алкохолизмот со 1,5 отсто и пушењето со четири отсто.
Терминот ултрапреработена храна е дефиниран според системот за класификација на храна Нова, развиен од истражувачи од Универзитетот во Сао Паоло, Бразил. Овој систем ја дели храната во четири категории, во зависност од тоа како таа е обработена при производството.
Непреработената или минимално преработената храна вклучува овошје, зеленчук, млеко, риба, јајца и друга храна на која не се додадени други состојки. Преработените состојки вклучуваат сол, шеќер и масла за готвење. Преработената храна ги комбинира првите две групи на сличен начин како што се обработува храната дома, а во неа спаѓаат намирници како што се џем, кисел зеленчук или конзервирано овошје и зеленчук.
Ултрапреработената храна содржи многу состојки кои би било тешко да се најдат во просечните кујни, од кои некои се хемиски конзерванси, емулгатори, засладувачи, вештачки бои и ароми. Меѓутоа, овие состојки сè уште не објаснуваат зошто генерацијата Икс е толку зависна од оваа одредена група на храна и зошто некои членови избегнуваат социјални собири од страв дека на нив ќе се прејадат.
Тие покажуваат силна желба за овие намирници и најчесто неуспешно се обидуваат да го намалат нивниот внес или чувствуваат симптоми слични на апстиненција. Исто така, тие се групата што најчесто страда од прекумерна телесна тежина, се чувствува изолирано и страда од полошо ментално здравје.
Од друга страна, генерацијата бејби-бумери не е толку засегната. Само 12 отсто жени и четири отсто мажи од таа „златна генерација“ се сметаат за зависници од ултрапреработена храна.
Дали е детството виновно?
„Генерацијата Икс беше првата што порасна опкружена со ултрапреработена храна. Ако сте биле дете во 1970-тите или 1980-тите, како мене, веројатно се сеќавате дека бевте бомбардирани со реклами за шарено спакувани грицки, брза храна и готови јадења“, вели д-р Карен Ман, медицинска директорка на дигиталната апликација за здравје Noom.
„Таа храна не само што беше достапна, туку беше рекламирана како нешто нормално, забавно и соодветно за целото семејство. Во извесна смисла, генерацијата икс беше првиот тест за тоа како исхраната доминирана од индустриски осмислени, исклучително привлечни производи влијае на долгорочните навики во исхраната. Факт е дека, бидејќи припадниците на таа генерација биле млади во тоа време, нивните вкусови и навики биле формирани многу рано, што довело до тоа тие да имаат тешкотии да ѝодолеат на таквата храна подоцна во животот“, додава д-р Ман.
Тоа беше и генерација каде што двајцата родители работеа, а пообразованото население значеше дека многумина се отселиле од своето пошироко семејство во потрага по нови деловни можности.
„Тоа создаде генерација на ‘деца со клуч околу вратот’ – нашите родители ни оставаа храна како готови пици, палачинки или бисквити за грицкање кога ќе се вратевме дома од училиште. Нашите заби се оштетени, нашите усти се полни со пломби, нашата исхрана страдаше, а сега, како што влегуваме во средна возраст, се соочуваме со високи стапки на метаболички проблеми – зголемување на телесната тежина, кардиоваскуларни ризици и сите тие работи“, додава Роб Хобсон, нутриционист и автор на „Непроцесирај го твојот семеен живот“.
Иронично, високата калорична содржина и полуиндустриската структура на ултрапреработената храна, што ја олеснува јадењето и варењето, делумно се резултат на работата на американскиот биолог Пол Ерлих, кој предвиде во 1968 година дека САД ќе доживеат масовен глад во 1980-тите.
Ерлих ја напиша тогаш влијателната книга „Популациската бомба“, мрачна, но сосема погрешна книга во која растот на населението по Втората светска војна се сметаше за неодржлив. Тој мислеше дека ќе има толку многу луѓе што сите ќе гладуваат. За да се спречи ова, помеѓу 1980 и 1998 година, се појави „Големата прехранбена“ индустрија за да ги нахрани сите, но на крајот стапката на дебелина се удвои.


