Бујар Османи го призна поразот во Чаир: Честитки за Меџити и за коалицијата што победи
Кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, преку објава на Фејсбук му честита на својот противкандидат Изет Меџити од Вреди за победата на локалните избори и му посака успех во водењето на општината во наредните четири години.
Препорачано
„Честитки до мојот контракандидат и целата коалиција што застана зад него. Тие се победници на изборите во Чаир и им посакувам успех во водењето на општината“, напиша Османи.
Тој изрази и задоволство што изборниот ден поминал мирно и без поголеми забелешки, оценувајќи го како успешен процес.
Османи се заблагодари на сите свои соработници, активисти и поддржувачи за нивната посветеност во текот на кампањата, потенцирајќи дека во неа, покрај визијата за Чаир, се создадени и нови пријателства.
„Во политиката граѓаните го имаат последниот збор. Доволно долго сум во политиката за да ги препознавам и почитувам пораките што тие ги испраќаат“, додаде тој, истакнувајќи дека и покрај тоа што кампањата не била фер во сите аспекти, не сака да се жали.
На крајот, Османи им се заблагодари на своите најблиски, нагласувајќи дека неговото семејство го понело најголемиот товар од неговиот политички ангажман, но токму од нив ја добил и најголемата поддршка.
За следните политички чекори, најави дека ќе се произнесе во наредните денови.
ВИДЕО | Вреди слави во Скопје – небото осветлено со огномети


