Бугарија ги укина „златните пасоши“

Бугарски пасоши/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Огњан Георгиев, уредник на дигиталното издание на софискиот “Неделен Капитал“, ја коментира одлуката на Бугарското собрание за укинување на можноста странски инвеститори да се стекнуваат со „златни“ бугарски пасоши со инвестирање на одредена сума пари во државата.

Нема повеќе „златни пасоши“. Така одлучи новиот парламент на едно од првите гласања.
Оваа можност, да бидам искрен, требаше поодамна да се укине. Шемата за добивање бугарски пасош во замена за инвестиции уште од самиот почеток беше преполна со проблеми и масовна корупција. А и што, уште на почетокот, го натера некој да помисли дека идејата е добра!?

Да се отворат вратите на ЕУ во една од најкорумпираните нации на ЕУ и да се отстапи драгоценото поседување државјанство во замена за нешто што може да биде ефемерно како обична ексел-табела, изгледа како рај за моќните мешетари зад сцената.

На крајот, излегува дека 103 лица добиле бугарско државјанство преку оваа шема. Над 40% од нив, не е изненадување, се Руси. Дваесетмина се од Блискиот Исток. Сега, во тек е истрага за да се утврди дали сите „среќни“ добитници (или кој било од нив) навистина направиле трајни инвестиции што го заслужуваат државјанството со кое се стекнале. Бидејќи неделното издание на „Капитал“ ја истражуваше оваа тема и во минатото, можам да помогнам: веројатно повеќето од нив не го сториле тоа.

Просто, доволно беше дури да се инвестира и во обврзници или акции во компанија котирана на Бугарската берза, за да се помине прагот од 1 милион лева инвестиција за „златен пасош“. Но, да не заборавиме, обврзниците и акциите можат и да се купуваат и да се продаваат. За разлика од државјанството.

Бидејќи моментните тензии со Русија се толку високи, се чини дека сега е вистинско време да се испита дали Бугарија функционира како „задна влезна врата“ во Унијата за некои од високите Путинови функционери. Таа истрага може да помогне и да ни го олесни патот кон Шенген, а и укинувањето на визите за САД.

Сепак, ова мора да послужи и како пресвртница за новата влада: таа вели дека сака да привлече директни странски инвестиции и планира да ја направи Бугарија магнет за инвеститорите. Некои протестираа дека ставањето крај на „златната“ шема ќе има финансиски контраефект. Сепак, таа шема е отворена веќе подолго време и немавме голема корист од неа. Можеби вреди да се размисли – дали е ова револуционерен концепт? – дека не треба да продавате пасоши за да привлечете добри инвеститори.

 

„Неделен Капитал“, Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот