Бројните ликвидации, насилство и закани ја започнаа трансформацијата на Холандија во „нарко-држава“?

Фото: EPA-EFE/SEM VAN DER WAL

„Сигурно дека не сме Мексико, немаме 14.400 убиства. Но, ако ја погледнете инфраструктурата, големите пари од организираниот криминал, да, имаме нарко-држава“, рече претседателот на најголемиот полициски синдикат во Холандија, Јан Струијус, а пренесува Би-Би-Си.

Зборовите на Струијус одекнаа меѓу жителите на Холандија, каде во моментов главна тема е убиство на адвокат (44), татко на две деца, кој во септември е ликвидиран пред својата сопруга во близина на неговиот дом во Амстердам.

Според медиумите, тоа убиство ја уништило заблудата дека припадниците на нарко-картелите ги убиваат само „своите“ ривали.

– Ова требаше да не заплаши. Мораме и понатаму да ги користиме клучните сведоци, бидејќи во спротива нема да можеме да продолжиме понатаму – предупреди јавниот обвинител Фред Вестербек.

Волтер Луманс, чиј бестселер „Моцро Мафија“, ги опишува новите генерации на криминалци во Амстердам, вели дека неколкуте инциденти во последните години претставувале одредени знаци.

Неколку случаи предупредуваат на ескалацијата на бруталноста: две момчиња се убиени од истрели со калашников, убиена мајка пред своите деца, отсечена глава се појави пред едно кафуле, убиства на сведоци, адвокати и многу други настани од сличен тип.

Уличниот сленг „Моцро мафија“ се појавил во Холандија поради тоа што младите Мароканци во земјата меѓусебно се нарекуваат „моцро“, објаснува авторот.

– Гледам дека сега елементи од книгата се користат и во полициските извештаи. Станува збор за млади луѓе кои растат во деловите на Амстердам кои туристите не ги гледаат. Тие бараат „кариера во подземјето“ – смета Луманс.

Едно истражување на јавното мислење покажало дека 59 отсто од луѓето веруваат оти Холандија уште сега е нарко-држава, со други зборови земја чија економија зависи од трговијата со забранети супстанции.

„Најопасниот човек“ како што го опиша холандската полиција, Ридуан Таги, уапсен е откако заминал во Дубаи со лажни документи. Се сомничи дека е нарачател на неколку ликвидации, меѓу другото и онаа на претходно споменатиот адвокат во Амстердам.

Во Холандија во 2017 година произведени се синтетички дроги чија улична вредност изнесува околу 18,9 милијарди евра. Дрогата се увезува од Колумбија и Северна Африка веќе 30 години, информираат медиумите.

Значаен дел на синтетичките дроги – МДМА, ЛСД, амфетамин и многу други – се произведуваат во Холандија, поточно, Холандија се смета за светски лидер кога станува збор за овие дроги, пишува Би-Би-Си.

На денот кога Доналд Трамп стана американски претседател, првата единствена портокалова таблета екстази – Трампи – пронајдени се на аеродромот во Амстердам. Еден ден подоцна, истите екстази се продавале во Австралија, велат надлежните.

Многу Мексиканци помагаат во производството на кристален метамфетамин во Холандија.

Јужноамериканските нарко-босови започнаа со извоз во западна Африка. Дрогата потоа тргнала северно, до Мароко. Младите Мароканци чии родители се иселени во Холандија, имале семејни врски и „отворен“ пат за миграција.

Така се збогатил Ридуан Таги, претходно споменатиот „најопасен човек“. Наследил или стекнал контрола над шверцерска линија и започнал да увезува кокаин наместо канабис. Тоа му донело повеќе пари, но и насилство.

– Немаме тела кои висат од мостовите, но имаме корупција во доковите, насилство над адвокати, закани за новинари. Тоа веќе се некои карактеристики на нарко-држава – тврди Вотел Луманс.

Холандската економија можеби не зависи од дрогата, но таа „индустрија“ се повеќе влијае врз општеството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот