Британски рапер е осуден на 12 години затвор, пијан удрил момче со автомобил и избегал
Британскиот рапер Гетс е осуден на 12 години затвор за смртта на 20-годишен непалски студент, кого го прегазил со автомобил лани во Лондон.
Препорачано
Гетс, чие вистинско име е Џастин Кларк-Самуел, возел со несоодветна брзина и под дејство на алкохол, а пред несреќата во октомври 2025 година, возел во сообраќај на исклучително ризичен начин, соопштија обвинителите, пренесуваат странските медиуми.
Судијата Марк Лукрафт му забрани на 41-годишниот Кларк-Самуел да вози 17 години, велејќи дека снимките од безбедносните камери покажале „прилично ужасна низа инциденти“ што доведоа до „едноставно шокантниот“ фатален судир со студентот Јубин Таманга. Тој претрпел катастрофални повреди и починал два дена подоцна.
Кларк-Самуел се изјасни за виновен на Централниот кривичен суд во Лондон во декември за предизвикување смрт со опасно возење. Судијата рече дека раперот изразил каење во писмо до судот.
– Како што самите рековте, направивте многу за да им помогнете на другите во последните 10 години, а целата таа добра работа беше засенета од вашето возење под дејство на алкохол и одземањето на животот на уште еден млад човек – рекол судијата.
Обвинителството рече дека Кларк-Самуел пиел во бар во центарот на Лондон и го возел своето „бмв“ со брзина од 112 километри на час пред несреќата, поминувајќи шест црвени семафори и движејќи се во погрешна насока. Тој ја удрил жртвата додека ја преминувала улицата, нанесувајќи му катастрофални повреди. Кларк-Самуел не застанал ниту ги повикал службите за итни случаи, туку се вратил дома, на 13 километри оддалеченост.
Во изјава, родителите на жртвата, Шармила и Бикаш Таманг, рекоа дека се скршени од тага: „Нашето единствено дете, драгоцена душа, ни беше одземена прерано. Тој дојде во Велика Британија за да студира и да создаде подобар живот за себе и за своето семејство. Џастин Кларк-Самуел ја украде иднината на нашиот син, а со тоа и нашата.“
Адвокатот на Кларк-Самуел, Бен Аина, прочита делови од писмото со извинување упатено до семејството на Таманг.
– Ви пишувам од состојба на екстремно жалење, срам и каење. Целосно сум свесен дека нема бројни извинувања што можам да ги изразам, а кои ќе ја ублажат болката што семејството и пријателите на г-дин Таманг мора да ја чувствуваат – напишал раперот.
Во 2021 година, Гетс ја освои наградата за најдобар машки изведувач на британските награди MOBO, а соработуваше и со уметници како Ед Ширан и Стормзи.


