Британската полиција ја преврти поранешната вила на некогашниот принц Ендру
Британската полиција во петокот ја претресуваше поранешната вила на помладиот брат на кралот Чарлс, Ендру Маунтбатен-Виндзор, откако се појави фотографија од членот на кралското семејство како излегува од полициска станица на насловните страници на весниците ширум светот, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Маунтбатен-Виндзор беше уапсен во четвртокот, на својот 66-ти роденден, под сомнение за несовесно вршење јавна должност, поради обвинувања дека како трговски пратеник ѝ испраќал доверливи владини документи на компромитираниот финансиер Џефри Епстин.
Поранешниот принц беше пуштен да се брани од слобода додека трае истрагата, откако помина повеќе од 10 часа во притвор. Против него сè уште не е поднесено обвинение, но на фотографијата на „Ројтерс“ по неговото ослободување тој изгледа потресено, стуткан на задното седиште од „Ренџ Ровер“, со зацрвенети очи и со израз на неверување на лицето.
Иако Маунтбатен-Виндзор постојано ги отфрла сите обвинувања поврзани со Џефри Епстин и вели дека жали за нивното пријателство, документи објавени од американските власти укажуваат дека тој останал во контакт со осудениот сексуален престапник и по пресудата од 2008 година, при што наводно му доставувал доверливи британски владини извештаи за инвестициони можности во Авганистан и со проценки за земјите што ги посетувал како специјален претставник за трговија и инвестиции.
Поранешниот британски принц Ендру е уапсен поради скандалот со Епстин
Апсењето на поранешниот принц, осми во редот за наследување на тронот, се смета за без преседан во современата британска историја, а кралот Чарлс, кој лани му ја одзеде титулата и го исели од резиденцијата во Виндзор, соопшти дека веста ја примил со „најдлабока загриженост“.
Џулијан Пејн, поранешен шеф на комуникациите на кралот Чарлс, а сега вработен во „Еделман“, за Ројтерс изјави дека фактот што соопштението е објавено директно од името на монархот испраќа јасен сигнал дека Чарлс лично ја презема одговорноста за ситуацијата. Според него, јавноста најверојатно ќе го поддржи таквиот пристап, бидејќи ретко кој светски лидер се соочува со оценување на својата улога преку постапките на блиски членови од семејството.
Во меѓувреме, полицијата од долината на Темза продолжува со претресите на имотите поврзани со Маунтбатен-Виндзор, вклучително и неговата поранешна резиденција во Виндзор и сегашниот дом на кралскиот имот Сандрингем.
Истрагата за сомнение за несовесно вршење јавна должност, дело за кое е предвидена и доживотна казна затвор, може да потрае со месеци поради потребата од соработка со владините институции и со Бакингемската палата.


