Британската библиотека постхумно му издаде членска картичка на Оскар Вајлд, пред 130 години му ја одзеле бидејќи бил геј
Британската библиотека му оддаде чест на покојниот ирски писател Оскар Вајлд со тоа што повторно му издаде членска картичка на негово име, 130 години откако неговата оригинална била поништена поради осудата за „груба непристојност“. Познатиот романописец, поет и драматург бил исклучен од читалната на библиотеката во 1895 година поради обвинението дека имал хомосексуални односи, што тогаш било кривично дело, пишува Би-би-си.
Препорачано
Новата картичка, која ќе ја преземе неговиот внук, писателот Мерлин Холанд, во четврток, има цел да „ги признае неправдите и огромните страдања“ што ги доживеал Вајлд, соопшти библиотеката. Холанд изјави дека новата картичка е „прекрасен гест на простување и сигурен сум дека неговиот дух ќе биде допрен и воодушевен“.
Во документите на Британската библиотека од јуни 1895 година стои рачна забелешка: „Г-дин О. Вајлд е исклучен од читалната“. Одлуката за поништување на пристапната картичка на Вајлд, тогаш за читалната на Британскиот музеј, била заведена без коментар во записниците на доверителите на 15 јуни 1895 година.
Во тоа време, тој веќе три недели бил во затвор, осуден на две години тешка физичка работа. Авторот бил осуден откако изгубил тужба за клевета против лордот Квинсбери, кој го обвинил дека е хомосексуалец, откако дознал дека неговиот син, лорд Алфред Даглас, познат како Бози, бил љубовник на Вајлд. Правилникот на библиотеката тогаш предвидувал дека секој осуден за кривично дело ќе ја изгуби членската картичка.
Британската библиотека поседува ракописни нацрти на некои од најпознатите драми на Вајлд, меѓу кои „Важно е да се викаш Ернест“, „Идеален сопруг“ и „Жена без значење“. Во нејзината колекција се наоѓа и „De Profundis“, писмото што Вајлд му го напишал на Бози од затворот во Рединг.
Холанд ќе ја преземе новата картичка на свеченост што ќе се одржи токму на 171-от роденден на неговиот дедо. Во изјава за Би-би-си, Холанд рече дека се чувствува и „горд“ и „малку оптоварен“ од одговорноста да го носи наследството на својот дедо.
„Луѓето често ми пишуваат и ми велат: ‘Не можам да ви опишам колку многу ми значеше ‘De Profundis’ од вашиот дедо’. На крајот има белешка со надеж… дека ќе излезе од затвор и повторно ќе создава. Некои ми пишуваат: ‘Во момент на длабока депресија во мојот живот го прочитав ‘De Profundis’ и сакав да знаете дека писмото од затворот на вашиот дедо ми значеше навистина многу’“, објасни тој.
Керол Блек, претседателка на Британската библиотека, го опиша Вајлд како „еден од најзначајните книжевни ликови на XIX век“.
Таа додаде дека со повторното издавање на картичката, библиотеката сака „не само да го почести сеќавањето на Вајлд, туку и да ги признае неправдите и големите страдања што ги доживеа поради својата осуда“.


