Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Брегзит ја донесе британската економија на раб на стагнација

Британската економија во октомври имала најслаб раст во последните речиси седум години заради неизвесноста која го следи излегувањето на Велика Британија од Европската унија и слабото глобално опкружување, информира статистичката служба ОНС.

Британскиот БДП во октомври се зголемил за 0,7 отсто на годишно ниво, што е најслаб резулат од март 2012 година кога земјата заздравуваше од глобалната економска криза.

Најслаби резултати се забележени во индустријата и градежниот сектор, покажува извештајот на статистичката служба.

Во ОНС воедно напоменуват дека приближувањето на дотогаш зацртаниот датум за излез од ЕУ, крајот на октомври, најверојатно го поттикна растот на извозот и увозот во тој месец, иако поскромно отколку пред првично планираното излегување во март.

Во тримесечниот период, заклучно со октомври, економијата стагнираше во однос на претходните три месеца, информира ОНС.

Островската држава летово ја избегна предбрегзитовската рецесија бележејќи во тримесечниот период, заклучно со септември, раст на активата од 0,3 отсто. Како се доближуваше крајот на октомври почнаа да се појавуваат знаци на забавување, напоменуваат британските медиуми.

Несигурноста во бизнис заедницата веројатно ја засили и распишувањето на предвремените избори, за 12 декември, шпекулираат британските медиуми.

Премиерот Борис Џонсон ги повика избирачите да го поддржат неговиот договор за Брегзит, тврдејќи дека разбивањето на блокадата во парламентот „ ќе отвори бран од вложувања”.

Бизнис заедницата е поделена пред изборите стравувајќи дека победата на ториевците можеби ќе значи хаотичен Брегзит, а со тоа и отежнато бизнис работење со ЕУ. Лабуристите, пак, им најавуваат повеќе даноци и национализација на економските сектори, потсетуваат британските медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот