Сања Божиновска и Михаилис Рокас / Фото: Фејсбук

Божиновска-Рокас: 5,2 милиони евра од ЕУ за енергетски реформи и зелена транзиција на земјата

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска се сретна со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михаилис Рокас, со кого разговараше за реформските процеси во енергетскиот сектор.

Посебен фокус на разговорот, како што информираат од кабинетот на министерката, бил ставен кон ажурирањето на законодавната рамка и подготовката на нови стратешки документи.

На средбата биле посочени реализираните и планираните активности на Министерството во рамки на Реформската агенда, чија имплементација, како што велат, ќе продолжи со интензивно темпо.

Посебно внимание било посветено на поддршката што Северна Македонија ја добива од Европската Унија преку ИПА III програмската рамка, при што било нагласено дека финансиската и техничка помош во висина од 5,2 милиони евра ќе биде насочена кон јакнење на институционалните и оперативните капацитети за водење ефективна енергетска политика и справување со климатските промени, како и кон подготовка на подзаконски акти, соработка со општините и анализа за спроведување на зелената транзиција.

– Европската Унија е стратешки партнер на нашата земја во процесот на енергетска трансформација. Поддршката што ја добиваме преку ИПА инструментите е од суштинско значење за да изградиме поефикасни институции, да го унапредиме законодавството и да обезбедиме одржлива и сигурна енергетска иднина за граѓаните, истакнала министерката.

На средбата било потврдено дека ЕУ останува клучен сојузник на земјава во реализацијата на зелената енергетска транзиција и исполнувањето на климатските цели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот