Бошковска: На Камчев во две торби му донесов 710.000 евра

Мирјана Бошковска, главна потписничка на сметка и девизен референт во “Орка холдинг” денеска сведочи пред судскиот совет во процесот “Рекет” кој го води судијката Васка Николовска-Масевска.

Таа рече дека во декември лани три пати вадела пари од сметка на Ратка Камчева, околу 22 милиони денари, пари кој ги однела во домот на Ана Камчева.

– Во февруари извадив пари од сметките на Кристина и Ратка, сестра и мајка на Орце Камчев. Парите ги однесов кај Ана дома. Со Орце Камчев направивме спецификација на парите и јас си заминав – рече сведокот Бошковска.

Парите биле во девизи, рече таа, разменувани во менувачница, и заедно со обезбедување, преку задниот влез од домот на Орце Камчев му биле донесени во тамошните негови работни простории.

Бошковска рече дека лично не го познава првообвинетиот во “Рекет” Бојан Јовановски и дека го нема видено него во домот на Орце Камчев кога ги носела парите.

– Ги пребројавме парите, ги собравме на купчиња според апоените и направивме спецификација. Парите ги ставивме во торба и внатре ја ставивме спецификацијата. Околу 80 отсто беа банкноти од по 50 евра. Парите кај Камчеви беа донесени во две спортски торби и внатре имаше 710.000 евра – изјави сведокот Бошковска.

На прашање на одбраната на второобвинетата Катица Јанева дали нарачувала сумите во какви апоени биле парите, сведокот рече дека тоа не зависело од нив, туку какви апоени имало, така ги земале.

Следното рочиште од судењето за „Рекет” е закажано за 25 декември, кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот