Бочварски – Радуловиќ: Заедничка заложба за побрза европска интеграција на регионот
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски се сретна со Филип Радуловиќ, министер за сообраќај и пловидба на Црна Гора. Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, на средбата била потврдена соработката помеѓу двете држави и била потенцирана важноста на заедничките заложби за побрза европска интеграција на регионот.
Препорачано
На средбата помеѓу двајцата министри, која се реализира во рамките на Министерскиот совет, што деновиве се одржува во Скопје, Бочварски и Радуловиќ, исто така, разговарале за инфраструктурните проекти кои се реализираат на европските коридори и за можноста за поврзување со авионска линија.
-Разменивме искуства за процесите на подобрување на транспортот во регионот, а особено за продлабочување на меѓусебната соработка, поконкретно во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворивме темата за можно поврзување на двете земји, истакна министерот Бочварски.
Тој вели дека разговарале и за инфраструктурните проекти во делот на патната мрежа, бидејќи, како што рече и Северна Македонија и Црна Гора во овој период се исклучително посветени на модернизација на патната инфраструктура и подобрување на условите за патување на граѓаните на двете земји.


