Бочварски нема да дозволи да бидат оправдание за погрешните одлуки на Општина Охрид, Пецаков вели дека немаат ингеренции да постапуваат по предметот

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска изјави дека општината седум години го паѓала предметот по однос на оспоруваниот хотел во населбата Лагадин, и сега имаат мериторно и правосилно решение на второстепената комисија, потпишано од министерот Благој Бочварски. Министерот пак, изјави дека нема да дозволи ниту тој, ниту Министерството, ниту Владата да бидат оправдание за погрешните одлуки и политики на Општината со кои во 2016 година донеле одлука за правосилно одобрение за градење, а во наредните години бараат тоа решение да биде поништено.

Пецаков пред медиумите истакна дека за период од седум години сите градоначалници на Охрид во десет наврати дале негативно мислење по однос решението за градба, по единствен основ – заради непочитување на одредбите од Законот за градење. Како што рече, исто толку пати второстепената комисија на Министерство за транспорт и врски предметот го враќала на повторно одлучување во Општина Охрид.

Општина Охрид седум години го паѓала предметот. Сега имаме мериторно и правосилно решение на второстепената комисија, потпишано од министерот Благој Бочварски. Основата по која го прогласувавме решението за градба за ништовно сега ја немаме, истакна тој.

Министерството за транспорт и врски не го потврди одобрението за градење на објектот во Лагадин, затоа според пресудата на Управниот суд и укажавме на Општина Охрид по кој било друг основ да ја разгледа постапката за одобрението за градење и прибавената документација и да донесе решение за ништовност, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција во Министерството.

Министерот, образложувајќи ги сите постапки што се воделе од 2016 година, истакна дека тоа е процес и постапка што се водела во Општина Охрид за објект од втора категорија која е во ингеренции и надлежност на Општината.

Во 2017 година Општина Охрид на инвеститорот му издава одобрение за градење за изградба на објект на Лагадин. Во 2017 година, Општина Охрид го прогласува за ништовно одобрението што сама го издала. Инвеститорот во неколку наврати поднесува жалба до Министерството. Во 2019 година Министерството ја одбива жалбата на инвеститорот и го потврдува решението на Охрид со што и двете институции се на иста линија во однос на предметот. Во 2019 година инвеститорот поведува управен спор и тужба на Управен суд против Министерството и Општина Охрид. На 7 ноември 2019 година, Управниот суд донесе пресуда против решението на Министерството и Општината со што го задолжува Министерството да го врати предметот во Општина Охрид која треба да постапи по пресудата на Судот, образложи Бочварски.

Во Министерството влегла и управна инспекција и со решение ги опоменала и министерот и Министерството задолжително да донесат мериторна одлука по насоките на Управниот суд.

Министерството после задолжението од Судот и управната инспекција носи решение со кое на Општината и укажува дека по тој основ не може да го поништи решението за градење согласно насоките од двете институции кои се над нас, рече Бочварски.

Комисијата за УНЕСКО, посочи Бочварски, дава препорака на Општината да го преиспита целосно одобрението за градење во делот на целата постапка и се уште, како што нагласи, не е јасно зашто тоа не го прави Општина Охрид по шест години од издавањето одобрение за градење и не сака да ја разгледа целата постапка.

Нема да дозволам ниту јас ниту Министерството, ниту Владата да бидеме оправдание за погрешните одлуки и политики на Општината со кои во 2016 година донеле одлука за правосилно одобрение за градење, а во наредните години бараат тоа решение да биде поништено. Јавно го повикувам градоначаликот дека нема потреба од манипулација или двојни игри, може да го отвори повторно предметот на разгледување во Општина Охрид нешто што од него го побара и Комисијата за УНЕСКО. И тоа може да го направи по сите основи само не по овој. Доколку не знае како, Министерството стои на располагање да помогне во понатамошните постапки со цел да дојде правдата во однос на овој објекти или за секој друг објект, заклучи Бочварски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот