Битолскиот театар со претставата „Кокошка“ гостува на сцената во Драмскиот театар во Скопје
Претставата „Кокошка“ на Битолскиот театар на 29 април ќе биде изведена по 95-ти пат, овојпат на сцената во Драмскиот театар во Скопје, а по повод 80. годишнината од постоењето на оваа театарска институција.
Препорачано
Претставата „Кокошка“ носи свет во кој апсурдот и реалноста се мешаат до точка на непријатна препознатливост, а ликовите чекорат по тенка линија меѓу смешното и болното.
„Кокошка“ не е само комедија – таа е огледало на нашите карактери, суети, амбиции и апсурди. Со брилијантен хумор, живи дијалози и препознатливи ситуации, оваа претстава ја освојува публиката затоа што сите се пронаоѓаме во неа. Смеата доаѓа природно, искрено и – до солзи.
Комедијата на авторот Николај Кољада е во режија на Марјан Ѓоргиевски. Прифаќајќи ја драмата на својот живот како свој живот, неговите ликови создаваат можност да се прифатат себеси како луѓе, а со тоа и светот на сопствените можности како добар свет за себе. Кољада не нуди утеха, но нуди нешто повредно – искрен поглед во човекот, без маски и без изговори. Театар што провоцира, забавува и остава трага.
Во претставата играат Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски и Николче Пројчевски. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија е на Благој Мицевски, драматург е Оливера Павловиќ.


