Битиќи го смени мислењето, сега вели дека увозот на работници не е решение

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска изјави дека увозот на работна сила од странство „не е долготрајно решение“, иако пред нполни две недели велеше дека тоа е единственото решение за кризата со недостиг од работници, бидејќи во спротивно многу македонски компании ќе затворат.
Битиќи рече дека државата прави напори да ја подобри состојбата со недостигот на работници.
„Со преквалификација и низ процесот на дуално образование ќе се подобри состојбата со пазарот на трудот и недостигот од работна сила. Долгорочното решение е доквалификација, реквалификација на нашите луѓе кои живеат тука и кои треба да се стекнат со нови вештини кои им се потребни на компаниите. Сите други решенија, како што е увоз на работна сила, се решенија кои не се одржливи“, рече Битиќи.
Битиќи во изминатите недели ги прифати аргументите на фирмите, кои имаат големи проблеми поради недостиг на работна сила. Тој велеше дека увозот на работници е неизбежен поради дефицитот во градежниот, угостителскиот и текстилниот сектор. Стопанските комори, пак, постојано предупредуваа дека е можно да увезуваат работници, па дури се спомнуваа и конкретни земји, како Бангладеш, Пакистан и Индонезија.
Сега, Битиќи вели дека „во земјава има невработени и примарна цел е да се оспособат, за полесно да се вработат“.
-Секое друго решение е за да може да се задоволи одредена потреба во краток временски рок – рече тој.
Битиќи сепак ја остава можноста да се увезува работна сила додека домашната не се доквалификува. Како што рече вицепремиерот, на земјава во моментов ѝ недостасуваат околу 10.000 работници.
Битиќи: Многу компании ќе затворат ако не увеземе работна сила