Билиќ седна на клупата на Хрватска: „Чувствувам дека сум подготвен за големи работи“
Славен Билиќ и официјално е новиот селектор на хрватската фудбалска репрезентација кој на функцијата го наследува Златко Далиќ.
Препорачано
Под водство на Далиќ, Хрватска ги оствари најголемите успеси во својата фудбалска историја, освои сребро на Светското првенство во Русија во 2018 година, бронза на Мундијалот во Катар во 2022 година, како и сребрен медал во Лигата на нации во 2023 година, па така пред Билиќ е исклучително тежок предизвик да продолжи со одличните резуултати на големите натпреварувања.
За Билиќ ова ќе биде втор период на селекторската позиција. Првиот пат ја предводеше Хрватска од 2006 до 2012 година, а со репрезентацијата настапи на Европските првенства во 2008 и 2012 година.
На првата прес-конференција по назначувањето, Билиќ порача дека добро знае што се очекува од него.
„Многу добро знам што се очекува од мене. Ќе биде потребно многу заедништво, дојдов тука да направам голем резултат со репрезентацијата. Чувствувам дека ова е вистинското време, дека сум во најдобрите години. Не само по прашање на искуство, туку и на мотивација, желба и енергија“, изјави Билиќ.
Новиот селектор истакна дека односот со фудбалерите ќе биде клучен за успехот.
„Ќе имам однос со играчите каков што имав и порано, целосен однос. За да земам нешто од тебе, морам и нешто да ти дадам. Така функционира не само фудбалот, туку и сè останато“, додаде Билиќ.


