Била жртва на врсничко насилство поради бојата на косата: Сега е во трка за Мис на светот

џесика гаген
Џесика Гаген / Фото: Принтскрин/Инстаграм

Британката Џесика Гаген која била жртва на врсничко насилство бидејќи е црвенокоса, стана финалистка на натпревар за убавина, а сега се надева дека ќе стане првата црвенокоса што ќе ја претставува Англија на изборот за Мис на светот, пренесуваат британските медиуми.

За Џесика од Ланкашир, училишните денови биле ноќна мора. Нејзините соученици секојдневно ја исмејувале, фрлале предмети кон неа, ја плукале, па дури и ја удирале поради бојата на нејзината коса.

Во неколку наврати дури се обиделе да ѝ ја запалат косата, а Џесика кога не била на часови, поголемиот дел од времето го поминувала во тоалет.

„Јадев во училишните тоалети бидејќи најчесто кога се обидував да седнам до некое девојче, тие стануваа и ме оставаа сама“, се сеќава Џесика.

Сепак, решила да покаже дека нејзината коса треба и може да биде извор на нешто убаво. Откако се пријавила во агенција за модели, нејзината самодоверба се подобрила, па стигнала и до изборот за Мис на Англија, каде минатата година завршила на второ место.

„Порано бев многу лута за сè, но сега сум решена да им покажам на децата кои се соочуваат со истото дека тоа нема да трае вечно“, истакна таа.

Џесика сега има за цел да стане првата црвенокоса девојка која ќе ја претставува Англија на избор за Мис на светот, а за почеток се пријавила на изборот за Мис на Ливерпул.

„Не го спомнував малтретирањето за време на минатогодишниот натпревар бидејќи верувам дека негативните работи треба да останат во минатото, но бидејќи никогаш немало црвенокоса Мис Англија, работите се променија. Чувствувам дека е важно да се едуцираат луѓето за тоа со што се соочуваат црвенокосите и да се охрабрат децата кои поминуваат низ истото“, признала Џесика.

Џесика почнала да се занимава со манекенство на 18 години, а потоа потпишала договори со неколку агенции. Денес е студент по воздушно инженерство на Универзитетот во Ливерпул.

Таа, исто така, помогна да се соберат над 6.000 фунти за локални добротворни организации, а во 2021 година собра и средства за организацијата „Beauty with a Purpose“. Финалето за Мис Ливерпул каде е финалистка ќе се одржи на 25 август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот