Би-би-си крати трошоци, 2.000 луѓе ќе останат без работа
Британскиот јавен сервис, Би-би-си, денеска објави дека планира да отпушти до 2.000 работни места со цел да го намали својот годишен буџет за 10 проценти во следните две години, или за 500 милиони фунти, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Американските медиуми пренесуваат дека најавените отпуштања, објавени за време на состанокот со вработените, се најголемите за повеќе од една деценија во оваа национална медиумска куќа на Велика Британија.
„Знам дека ова предизвикува вистинска неизвесност, но сакавме да бидеме отворени за предизвиците“, изјави вршителот на должноста извршен директор Родри Талфан Дејвис во е-пошта до вработените.
Дејвис рече дека намалувањата се должат на инфлацијата, притисоците врз приходите од претплати и комерцијалните извори, како и нестабилната глобална економија.
Би-би-си пред неколку недели соопшти дека се соочува со значителни финансиски притисоци и планира да го намали својот буџет за околу една десетина до 2029 година, а најголемиот дел од кратењата ќе бидат спроведени во следната финансиска година, почнувајќи од 1 април 2027 година. Тие доаѓаат во време кога поранешниот извршен директор на Гугл, Мет Бритин, треба да ја преземе функцијата извршен директор следниот месец.
Тој ќе го пополни слободното место откако Тим Дејви и директорката за вести Дебора Тернес поднесоа оставки поради погрешно уредување во документарецот за говорот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на 6 јануари 2021 година, пред неговите поддржувачи да го нападнат Капитол. Трамп ја тужи Би-би-си за клевета и бара отштета од 10 милијарди долари.
Би-би-си се финансира од годишна претплата, неодамна зголемена на 180 фунти (225 евра), која ја плаќаат сите домаќинства во Велика Британија кои гледаат телевизија во живо или содржини од Би-би-си.


