Бездомниците заслужуваат подобар живот: Постојат решенија кои ќе им го овозможат тоа (ВИДЕО)

фото: Слободен печат/Д. Митрески

Галопирачкиот раст на бројот на бездомни лица во нашата земја, а особено во Скопје, е во постојан пораст, сепак покрај бројните проблеми со кои се соочуваат овие лица има и позитивни примери за оние кои успеале да се реинтегрираат во општеството.

„Слободен печат“ во соработка со Пунктот за бездомници во Момин поток, поточно со раководителот Драгана Лазаревска, дојде до бројни институционални решенија за проблемите на бездомниците со кои ќе се подобри животот на оваа категорија на луѓе.

Со гарантираната политика за домување, постоење на принципот „Домувањето на прво место“ – „Housing first“ – ќе се реши еден голем социјален проблем, како морална обврска на сите граѓани како и долгорочно заштедување на средства во државата (трошоци за здравство, проблеми со законот, криминални дејствија), вели Лазаревска.

Според неа, потребна е збогатена и подобрена клиничка психотерапија за работа со овие лица, поради тоа што има недостаок на квалитетна и стручна екипираност на кадри за работа со оваа целна група.

Бездомниците треба да бидат вклучени во програмите и активните мерки за доквалификација и преквалификација, со цел нивно понудување на пазарот на труд како и да им се овозможи посета на обуки за дефицитарни занимања и меки вештини. Така ќе се реши професионалната пасивност како и повремената работна ангажираност преку вклучување на овие лица во одржување на јавната хигиена во градот, одржување на парковите и зеленилото, како и вклучување во општинско корисна работа.

Овие лица немаат можнот да ги користат правата од системот на социјална и здравствена заштита, затоа е потребно изготвување на регистар за бездомници за кои ќе биде олеснато аплицирањето, пред се за социјална парична помош како и за другите права, за кои пред се ќе биде пресудна ранливоста, а не постоење на фиксна адреса. Потребно е олеснување во здравствениот систем за прегледи, интервенции, оперативни зафати како и редовни контроли во делот на нивно ослободување од плаќање на средства заради немање на истите.

Со изготвувањето на регистарот на бездомници ќе им се овозможи на овие лица бесплатно користење на градскиот превоз со што би се избгенале казните за плаќање на лице место или со доспевање кај извршители по многу повисока цена.

Потребно е веднаш донесување на Закон за донирање на вишок храна, затоа што со што би се воспоставиле механизми и критериуи за регулирање на активноста на донирање на вишок храна, со што во голем дел би се подобрило дневното и неделното мени на оваа целна група.

За постигнување на побрза инклузија на овие лица, потребно е отворање или дозбогатување (работење секојдневно) на веќе постоечките тренинг-живеалишта, прифатилишта и стационари.

Како нација би биле пионери во носење на новина во делот на постоење на згрижувачки семејства за бездомници со поддршка на стручен тим, на кои од страна на државата би им се плаќале одредени средства по број на згрижени бездомни лица (футуристичка проекција).

Подобри законски решенија, стратегии за домување на сите нивоа, развој на нови, прилагодени и превентивни социјални услуги за бездомници, како и здравствени установи и соодветна грижа за лицата кои не можат да си дозволат засолништа и сместување, развивање на моделот „Housing first“ и развој на стратегии за превенција од оваа појава и борбата против бездомништвото се само некои од мерките кои се превземаат во земјите од регионот.

„Слободен печат“ спроведе анкета на тема бездомници, преку која ги прашавме нашите следбеници на социјалните мрежи дали државата прави доволно за бездомниците, дали сретнале бездомник и слично, а ги прашавме и кои решенија ги нудат за подобрување на социјалната положба на бездомниците во нашата држава? Во видеото погледнете ги нивните одговори:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот