Живот спакуван во две ќеси: Расте бројот на бездомници во државата (ВИДЕО+ИНФОГРАФИК)

фото: Слободен печат

Галопирачкиот тренд во кој луѓето остануваат без своите домови, не ја одминува ниту Македонија. Бројот на бездомни лица во Македонија, во последните години, е во постојан пораст, а со тоа се зголемуваат проблемите и потребите за нивно згрижување, сместување и интегрирање во општеството. Според податоците кои ги добивме, само на територијата на Град Скопје има околу 140 бездомни лица кои немаат покрив над главата.

Најчестите причини поради кои овие лица станале бездомници е пропаѓање на бизниси, нерешени семејни односи, алкохолизам, психички проблеми, депресии и разни нервни растројства.

– Покрај тој материјалниот, тука е психолошкиот аспект дека човекот сака да живее така. Едноставно никој не може да му ја загрози неговата слобода и тој не зависи од ништо и на улицата доживува враќање во едно многу дамнешно време, кога така живеел човекот. Но во цивилизираното општество, мора да постои некој кој ќе најде начин и средства овие луѓе да не ги остави на улица – вели професорот Илија Ацески.

Тој додава дека социјалната држава, доколку се говори за некоја минимална социјална правда, односно солидарност, овие луѓе не би требала и не би смеела да ги остави на улица, туку треба елементарно да ги згрижи.

Веќе 11 години еднинственото место каде што овие лица можат да добијат советодавни, медицински, хигиенски и берберски услуги е Пунктот за бедомници во Момин поток, каде што тие се регистрирани во дата-базата на Црвениот крст на Град Скопје.

Екипата на „Слободен печат“ го посети Пунктот во Момин поток, во еден од деновите (среда и петок), кога бездомните лица, покрај услугите, добиваат топол оброк, имаат можност за менување на нечистата облека, а на дневна основа ги добиваат просечно 90 бездомни лица.

Таму се сретнавме со Ице Калчинов, кој штотуку го напуштил поправниот дом и завршил на улица. Како што ни објасни тој, има проблеми со документите и нема работа, но има желба да работи и да продолжи нормално да функционира во општеството.

Тој додава дека би сакал решение за неговиот проблем да се најде што поскоро и неговиот топол оброк да се даде на друго бездомно лице. Ице вели дека, доколку не бил Пунктот во Момин поток ќе „умрел за јадење“. Неговата приказна можете да ја погледнете во видеото:

Бездомник е личност којa припаѓа на одредена социјална категорија на луѓе кои немаат постојан дом и засолниште. Оваа појава потекнува главно од финансиски причини и е последица на неможноста да се обезбеди сопствен дом. Бездомништвото може да биде принудено или доброволно, трајно (наречена хронична) или привремено.

Според дефиниција, бездомништвото е процес што опфаќа лица со ограничена вклученост во општествениот живот, кои имаат проблеми со сопствениот идентитет и се без живеалиште, живеат во несигурни и/или несоодветни сулови или, пак се привремено згрижени во прифатилишта или во институции.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот