Бесплатно летување за деца во социјален ризик – Кристина Арнаудова уште еднаш го покажа големото срце
Кристина Арнаудова уште еднаш го покажа своето големо срце и хуманост со новата приказна што ја објави на социјалните мрежи.
Препорачано
Хуманитарното здружение „Проект Среќа“, предводено од поп-пејачката, и оваа година ја продолжува својата благородна мисија за децата во социјален ризик. Веќе четврта година по ред, здружението организира бесплатен летен камп во Словенија, наменет за деца кои во изминатиот период немале можност да заминат на летување.
Овој проект, насловен „Среќно лето – Словенија“, им овозможува на децата незаборавно искуство, дружење и едукација на словенечкото приморје.
„Бесплатен летен камп во Словенија, за деца кои не биле на летен одмор, четврта година по ред!“, објави Арнаудова, потврдувајќи го успехот на оваа долгогодишна иницијатива.

Главните цели на овој летен камп се: дружење и социјализација – поврзување на децата и градење нови пријателства; активен одмор со програма исполнета со спортски активности и забава на отворено; и грижа за најранливите – обезбедување еднакви можности за децата кои доаѓаат од семејства со помали примања.
„‘Проект Среќа’ од моја детска желба стана сон и минатата година наполни 10 години. Неверојатно е дека помина една деценија во создавање проекти за илјадници деца и семејства во социјален ризик. Започнав без идеја како точно ќе се развива, само знаев дека сакам да создадам посреќен живот за деца на кои тоа им е потребно.
Мислев дека ќе биде многу полесно. Навистина очекував голема поддршка од бизнис-секторот, бидејќи проектите што ги работам се однесуваат на голем процент од населението. Исто така, ‘Проект Среќа’ е единствено здружение што работи за сите деца во социјален ризик, без ограничување и преферирање одредена група, што ја прави бројката огромна“, изјави Кристина неодамна за „Слободен печат“.


