Берлинале 2022: „Алкарас“ е добитник на Златна мечка за најдобар филм
Наградите на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал беа доделени во средата, на 16 февруари, четири дена порано од оригинално планираниот термин. Претседателот на главното жири М. Најт Шијамалан ја врачи големата Златна мечка за најдобар филм на „Алкарас“, во режија на Карла Симон. Настанот беше одржан под строги ковид-мерки.
Препорачано
Најважната од сите комисии, меѓународната жири-комисија, одлучува кому ќе му се доделат главните награди, Златна и Сребрена мечка. И оваа година беше сочинета од звучни имиња: режисерите Цици Дангарембга, Рјусуке Хамагучи, Ен Зора Беракед, Керим Ајнуз, продуцентот Саид Бен Саид, актерот Кони Нилсен и мегапопуларниот индиско-американски филм-мејкер М. Најт Шијамалан, кој воедно е претседател на комисијата.
Големата Златна мечка за најдобар филм лично ја врачи претседателот, М. Најт Шијамалан. Најпрестижната награда ја доби филмот „Алкарас“ на Карла Симон, а во продукцијата се Марија Замора, Стефан Шмитс, Тоно Фологера и Серги Морено. Целиот продуцентски тим ја прими наградата на сцената. На крајот следуваше проекција на овој шпанско-италијански филм, што ги прикажува маките на земјоделците во едно мало каталонско село.
Големата награда Сребрена мечка на жирито ја додели Рјусуке Хамагучи на Хонг Сангсу за „Филм за еден писател“, црно-бел филм замислен во време на пандемијата, што ги „воспева убавините на случајните средби“.
Кони Нилсен ја додели наградата Сребрена мечка од главното жири на Наталија Лопез Гајардо и „Наметка од скапоцени камења“, филм „за социолошко и психолошко насилство“.
Керим Ајнуз ја додели Сребрената мечка за најдобар режисер на Клер Дени за филмот „Двете страни на сечилото“.
Наградата Сребрена мечка за најдобра главна улога ја додели Ен Зора Беракед на Мелтем Каптан за филмот на германскиот режисер Андреа Дрезен, „Рабие Курназ против Џорџ В. Буш“, за мајка која неколку години лавовски се бори да го спаси својот невин син од затвор. Германско-турската актерка низ солзи се заблагодари на наградата посветувајќи ја на силната мајчинска љубов.
За истиот филм, Цици Дангаремба ја додели Сребрената мечка за најдобро сценарио за „тешката битка на мајката за слободата на синот“ на сценаристката Лајла Штилер.
Сребрената мечка за најдобра споредна улога ја доби Лаура Басуки за филмот на режисерката Камила Андини, „Пред, сега и тогаш“. Наградата Сребрена мечка за најдобар артистички придонес ја врачи Саид Бен Саид на Рити Пан и Сарит Манг за филмот „Сѐ ќе биде во ред“. Специјално признание од жирито доби шведско-германската драма „Парче небо“ на Микаел Кох.
Меѓу наградите што ги доделија другите жири-комисии е и Сребрената мечка за краток филм, што ја доби „Недела наутро“ на Бруно Рибеиро.
Златната мечка за најдобар краток филм ја доби „Стапица“ на Анастасија Вебер, за приказната за животот на младите Руси.
Наградата за најдобар прв долгометражен филм ја доби дебитантскиот филм на Курдвин Ајуб, „Соне“. Специјалната награда од жири доби „Се гледаме во петок, Робинсон“, на режисерката Митра Фарахани.
Во програмата „Енкаунтерс“ наградата за најдобар режисер беше доделена на Кирил Шомблин за филмот „Неред“, а за најдобар филм беше прогласен „Муценбахер“ на Рут Бекерман.
Наградата за најдобар документарен филм ја доби „Мјанмарски дневници“ на „Мјанмар филм колектив“ во продукција на Корина ван Егераат.
Церемонијата се одржа релативно скромно заради строгите ковид-мерки. Одлуката за рестрикции беше направена во последен момент поради нескротениот бран заразени во пандемијата.


