Бензинските пумпи повремено не точат гориво, ги плаши цената или „чистат резервоари“?
Премиерот Христијан Мицкоски имал средба со претставниците на нафтената индустрија, од каде што порача дека „нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола“. Неколку часови подоцна граѓаните наидоа на ленти што го затвораа приодот кон апаратите за точење бензин
Граѓаните што се обидоа да наточат гориво завчера по 22 часот беа непријатно затекнати, на влезот на бензинските имаше ленти и тие не точеа гориво. Само неколку часови претходно, премиерот Христијан Мицкоски имал средба со претставниците на нафтената индустрија, од што каде што порача дека „нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола“.
Препорачано
Пред бензинските станици, пак, можеа да се видат насобрани нервозни граѓани, кои бараа одговор зошто не може да наполнат гориво, но вработените само одговараа дека така им било наложено.
– Поминав низ повеќе бензински пумпи од разни дистрибутери на нафтените деривати и кај сите ја затекнав истата состојба – не точеа гориво. На крајот одвај најдов бензин во една помала пумпа – вели еден скопјанец.
Наша сограѓанка тврди дека нешто пред 22 часот и било дозволено да наполни бензин, но само за 1.000 денари.
– Прашав зошто е тоа така, ми одговорија дека имаа ограничување на количината и дека добро што сум дошла пред 22 часот, затоа што потоа нема да смеат да точат бензин. Се бунев дека ми треба повеќе бензин за патување од количината за илјада денари, но продавачот беше упорен дека не смее повеќе да ми наточи – вели нашата сограѓанка.
Жителка од Лисиче, пак, кажува дека во нејзина близна една од најголемите бензински пумпи во градот веќе два дена не точи бензин, а оттаму ѝ било кажано дека се чистат резервоарите.
– Глетката ме вознемири. Имало разни времиња, но не паметам затворени бензински пумпи, освен еднаш кога исто имаше осцилации на цена, а тогаш нè убедуваа дека се затворени поради проблеми со софтвер – раскажува таа.
Регулаторна комисија ќе ги соопштува новите цени секој понеделник
Трговците со нафтени деривати јавно не излегоа со вест за проблеми во снабдувањето, ниту пак ги образложија проблемите со цените, во услови кога нафтата на берзите доживува секојдневни нагорни корекции.
Состојбата дополнително се комплицира со тоа што во средата Регулаторната комисија за енергетика го изменила Правилникот за формирање највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и место можност и за секојдневно менување на цените, одлучиле новите цени да ги соопштуваат секој понеделник.
По воената интервенција на САД и на Израел врз Иран во саботата, во понеделникот Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) соопшти нови цени на бензините, а цената на дизелот остана непроменета. Тогаш регулаторите соопштија дека ја следат состојбата и рекоа дека ќе носат одлуки секојпат кога пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку 2 денари за литар за бензините, за дизел-горивата и за екстра лесното гориво и еден денар за мазутот. Во вторникот немаше никаква корекција, а во средата осамнаа измени на Правилникот.
Ова веројатно ги вознемири нафтените дистрибутери, во време кога секојдневно цените на суровата нафта на берзите се зголемуваат.
Регулаторна комисија за енергетика цените ги определува во зависност од цената на секој нафтен дериват поединечно, односно тие не зависат директно од цената на суровата брент нафта.
Нафта има, ама по која цена?
Сите енергетски експерти и економски аналитичари се сложуваат со тоа дека нема да има проблем со снабдување со нафтени деривати, но дека може да има проблеми со цената.
По средбата со претставниците на нафтената индустрија, премиерот Мицкоски соопшти дека имаме доволно залихи.
„Имав средба со претставници на нафтената индустрија во државата. Разговаравме за актуелната состојба со нафтените деривати имајќи ја предвид кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија. Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат.
Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби“, напиша Мицкоски.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески во интервју за „Слободен печат“ изјави дека не се очекува прекин во испораките на нафта.
– Попанична реакција на пазарот можеби би се случила доколку дојде до прекин во снабдувањето со енергенти, но такво нешто во моментот нема. Дури Трамп, преку објава на Твитер и на Фејсбук, кажа дека ѝ наредил на Развојната финансиска корпорација на САД да издава гаранции за фирми што вршат транспорт, односно изнесуваат нафта од Персискиот Залив понатаму во светот, и дури кажа дека ќе овозможи придружба на танкерите од американската морнарица доколку такво нешто биде побарано – објаснува професорот.
Енергетскиот експерт Митко Андреевски во интервју на ТВ Телма упати апел до граѓаните да не креваат паника, да не создаваат колони на бензинските пумпи затоа што нафтени деривати има доволно, а државата има добра диверзификација на снабдување со енергенси.
– Имајќи го предвид она што сега го имаме и што се случува во Персискиот Залив, цената на нафтата ќе порасне, но не така како што се случува со природниот гас. Кратко е времето да донесеме каква било предикција што нè чека – рече Андреевски.
Димитриеска-Кочоска: Ќе ја намалиме акцизата ако има големо поскапување на нафтата


