Беќири: Вкупниот успех на Шкендија во Конференциската лига беше извонреден
Фудбалерите на Шкендија ја завршија историската сезона во Конференциската лига на УЕФА во Турција, каде што на реваншот од плејофот беа поразени од Самсунспор со 4:0.
Препорачано
Турскиот тим го доби и првиот натпревар во Скопје (1:0), па со вкупни 5:0 во двомечот обезбеди пласман во осминафиналето.
– Прво, сакам да му честитам на Самсунспор за пласманот, мислам дека го заслужија тоа во двата натпревари. Што се однесува до мечот, бевме многу добри во првото полувреме, потоа еден случаен пенал и заморот си го направија своето, така што потоа доживеавме висок пораз, кој според она што го покажавме во првото полувреме, не го заслуживме – изјави Беќири по реваншот во Самсун.
Беќири не очекуваше ваков резултат, бидејќи веруваше дека тимот ќе биде компактен и конкурентен.
– И натпреварот одигран во неделата во многу тешки услови на теренот против Силекс во македонското првенство, верувам дека имаше големо влијание, и во второто полувреме дојде заморот на играчите, па до примање уште три гола покрај пеналот – се зборовите на Беќири.
ВИДЕО: Самсунспор беше пресилен – заврши европската бајка на Шкендија
Шкендија, која минатата сезона дојде до титулата шампион на Македонија, почна во квалификациите за Лигата на шампионите со елиминација на велшкиот ТНС, а потоа беше запишан и историскиот успех со двете победи над ФСЦБ (поранешна Стеауа) од Романија, што донесе дебитантски пласман во лигашката фаза на Конференциската лига.
Карабах се покажа како пресилен (тоа го потврди и подоцна во лигашката фаза на ЛШ) во третото квалификациско коло, а во плејофот на Лига Европа играчите на Беќири беа во рамноправна борба против бугарскиот Лудогорец.
Тетовските „црвено-црни“ достојно го претставуваа македонскиот клупски фудбал во КЛ, во лигашкиот дел имаа две победи над Шелбурн и Слован Братислава, ремизираа со Јагелонија, а загубија од Рајо Ваљекано, Дрита и АЕК Ларнака, за 22 место на конечната табела и место во плејофот на натпреварувањето.
– Нашата европска авантура завршува. Во исто време, прво би сакал да им се заблагодарам на сите играчи за дадениот максимум бидејќи вкупниот успех на клубот за време на ова натпреварување беше извонреден, и покрај последниот пораз кој беше тежок пораз. Исто така, сакам да ја изразам мојата благодарност до целиот клуб, од сопствениците, до раководството на клубот, вработените, администрацијата, бидејќи беше напорна сезона за нас, беше ново искуство за нас. Сега сè што ми преостанува е целата концентрација и фокус да се вратиме во македонското првенство и се надевам дека и во првенството и во Купот ќе го дадеме нашиот максимум. Убеден сум дека со максимална посветеност ќе излеземе со позитивни резултати на крајот од сезоната – вели Беќири.


