Бегал од крдо слонови, ама налетал на крокодил – трагична смрт на рибар во Замбија
52-годишен рибар починал откако бил нападнат од крокодил додека во источна Замбија бегал од крдо слонови, соопшти полицијата. Дин Нииренда во средата се враќал од риболов со двајца пријатели кога наишле на слонови. Бегајќи, скокнал во поток во близина на реката Луангва, каде што бил нападнат од животното, пишува Би-би-си.
Препорачано
Не го преживеал нападот
Локалниот началник на полицијата, Робертсон Мвемба, изјавил пред новинарите дека Нииренда бил каснат од крокодил за десното бедро.
Според полицискиот извештај, Нииренда успеал да се одбрани и да му побегне на крокодилот, удирајќи го со стапот што го држел во рацете.
„Се извлече од потокот“, рекол Мвемба.
Неговите двајца пријатели, кои сè набљудувале од далечина, му притекнале на помош и го извлекле на брегот додека обилно крварел, објави државната новинска агенција ЗНБЦ.
„Се обидоа да го запрат крварењето, но за жал почина“, додаде началникот на полицијата.
Службеници за заштита на дивиот свет подоцна го посетиле местото на настанот и утврдиле длабоки рани од каснување на десното бедро на рибарот, кои довеле до смртоносно крварење.
Проблематичен соживот
Оваа јужноафриканска држава има голема и растечка популација на слонови, а судирите меѓу луѓето и дивите животни во последните години однеле бројни животи.
Реката Луангва, која тече низ Националниот парк Јужна Луангва во Замбија, е живеалиште на една од најголемите концентрации на нилски крокодили во Африка, наведуваат конзерваторите.
Според податоците на невладината организација „Resource Africa“, од 26 смртни случаи поврзани со диви животни евидентирани во 2023 година, дури 15 биле предизвикани од напади на крокодили, најчесто долж реката Луангва.
Замбиските власти претходно ги повикаа локалното население и туристите на исклучителна претпазливост при движење низ подрачја со диви животни.
Надлежните служби наведуваат дека разгледуваат мерки за намалување на судирите меѓу луѓето и животните, вклучително и изградба на заштитни огради во близина на живеалиштата на дивиот свет.


