Бавна правда за Арчи Вилијамс, учесник во американскиот „Суперталент“ – Во затвор поминал 36 години за дела што не ги извршил (ФОТО+ВИДЕО)

Фото: Јутјуб

Неговата животна приказна трогна многумина. Во знак на поддршка и почит, јавно, преку видеопорака, лично му се обрати и Меган Маркл, која потенцираше колку е горда на неговата храброст и упорност

Гледачите на американската верзија на шоуто „Суперталент“ беа изненадени деновиве кога војвотката од Сасекс, Меган Маркл (39), контактираше со нив преку видео. Меган се јави од Лос Анџелес од дневната соба на својот дом и преку видеопорака му посака среќа на својот омилен кандидат во шоуто, пејачот Арчи Вилијамс (59).

Фото: Јутјуб

Завршил во затвор на 22 години

Меган во своето видео јавување, јавно потенцираше дека таа и принцот Хари се воодушевени од приказната на Арчи и дека сѐ повеќе навиваат за него од недела во недела и очекуваат да победи во шоуто.

Арчи на самиот почеток на натпреварувањето раскажа дека поминал 36 години во затвор затоа што бил осуден за силување и обид за убиство, дела што не ги извршил. Кога бил уапсен за овие кривични дела, имал 22 години.

Фото: Јутјуб

Инспирација за луѓето низ целиот свет

Во финалето за време на настапот на Арчи, познатиот водител на шоуто Тери Крус истакна дека оваа сезона, приказната и талентот на Арчи воодушевиле и инспирирале многумина во светот.

Крус тогаш, всушност, го најави и видеоповикот од Меган, кога на Арчи му кажа дека има голем обожавател што сака да зборува со него.

Тогаш на екранот се појави лицето на Меган.

Фото: Јутјуб

– Здраво Арчи, само сакав да знаете дека нè трогнавте со вашата приказна и дека навиваме за вас и не е затоа што сме врзани за тоа име (се пошегува Маркл, бидејќи нивниот син се вика Арчи). Еве една посебна порака што веројатно ќе ја кажувам цел живот, но вечерва е само за вас: Арчи, ние сме многу горди на вас и ве поддржуваме. Едвај чекаме да видиме што ќе направите. Ние сме со вас, уживајте во оваа вечер – рече таа.

Сиромашно „црно дете“

Освен по неговите извонредни вокални способности, приказната на Арчи трогна многумина. Имено, тој бил во затвор речиси четириесет години за дело што не го извршил. Откако полициските екипи нашле и други отпечатоци на сосема друго место како оние на местото на злосторството за кои бил осуден, Арчи бил ослободен од секаква одговорност и конечно пуштен на слобода.

– Не бев виновен, не ги извршив тие злосторства. Но, тоа што бев сиромашно „црно дете“ не ми помогна, напротив ми одмогна во битката за правда, која ја барав во Луизијана. Деновите во затворот ми се претворија во недели, потоа во месеци, потоа во години и децении. Беше како кошмар – раскажа тој.

По ваквата емотивна исповед, Арчи го расплака членовите на жири-комисијата со изведбата на песната на Елтон Џон, „Don’t Let The Sun Go Down on Me“.

– Арчи, никогаш повеќе нема да ја слушам оваа песна на ист начин. Сега има сосема ново значење за мене. Вие сте многу храбра личност. Ова е перформанс што никогаш нема да го заборавам во животот – рече Сајмон Кауел веднаш по изведбата на песната.

Во финалето Арчи ја изведе „Blackbird“ на „Битлси“ и повторно сите го пофалија. На крајот тој не успеа да победи, а титулата победник во 15-тата сезона му припадна на Брендон Лик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот