Барак Обама - Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Барак Обама со радост го дочека падот на Орбан

Поранешниот претседател на САД Барак Обама, по победата на партијата Тиса на изборите во Унгарија, со што поранешниот премиер Виктор Орбан е испратен во опозиција и го призна поразот, испрати порака со поддршка кон земјата на нејзиниот европски пат.

Победата на опозицијата во Унгарија вчера, како што беше случај и со изборите во Полска во 2023 година, е победа за демократијата, не само за Европа, туку за целиот свет. Најповеќе, таа претставува сведоштво за отпорноста и одлучноста на унгарскиот народ и потсетување за сите нас, да продолжиме да се стремиме за правда, еднаквост и за владеење на правото, напиша Обама на социјалната мрежа Икс.

На парламентарните избори во Унгарија, според речиси целосно обработените резултати, убедлива победа освои опозициската партија Тиса на Петер Маѓар, додека премиерот Виктор Орбан го призна поразот по 16 години на власт. Според пресекот со 97,35 отсто обработени гласови, Тиса има 138 мандати, Фидес–КДНП 55, а во новиот парламент влегува и крајнодесничарската партија Ми Хазанк со 6 пратенички места, објави хрватски „Индекс“.

Со ваквиот исход, Тиса обезбедува двотретинско мнозинство во парламентот со 199 места, што ѝ дава простор за длабоки политички и институционални промени. Поразот на Орбан се смета за историски пресврт не само за Унгарија, туку и за пошироката европска десница, бидејќи неговото 16-годишно владеење честопати беше претставувано како модел на „нелиберална демократија“.

Во парламентот, покрај двете главни сили, ќе биде застапена и Ми Хазанк, мала но гласна крајнодесничарска партија предводена од Ласло Тороцкаи, која и претходно беше гледана како можен фактор во постизборните односи.

Иако со само шест мандати нема да може да влијае врз формирањето на власта, нејзиното присуство покажува дека крајната десница и натаму има свое јадро во унгарската политика.

ВИДЕО | Маѓар одржа говор: Го соборивме системот на Орбан, ја ослободивме Унгарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот