Фото: Принтскрин од видео на Local Team

Банка во Неапол ограбена среде бел ден, крадците држеле 25 заложници, па избегале низ тунел

Вооружени разбојници вчера сред бел ден ограбиле банка во италијанскиот град Неапол, држејќи 25 луѓе како заложници пред да избегаат низ тунел, пренесува Би-би-си.

Полицијата ја опколила филијалата на „Креди Агрикол“ во јужниот италијански град кратко откако започнал грабежот околу пладне по локално време.

Локалните медиуми објавија дека преговарале со ограбувачите пред заложниците да бидат ослободени, околу два часа по почетокот на грабежот. Пожарникари и разни полициски служби можеле да се видат како кршат прозорец со тешки алати и им помагаат на луѓето да излезат.

Некои заложници едноставно ги оттурнале парчињата стакло и си заминале. Но, други изгледале видно потресени, плачејќи и прегрнувајќи ги своите роднини.

Шестмина од заложниците, кои биле во состојба на шок, добиле медицинска помош.

Еден човек подоцна изјавил за локалниот информативен сајт Фанпејџ.ит дека ограбувачите ги заклучиле во просторија и дека, иако биле вооружени, „не користеле насилство“.

Никој не бил сериозно повреден.

„Благодарение на брзата реакција… сите заложници беа ослободени кратко по 13:30 часот без сериозни повреди“, изјави регионалниот претставник Микеле ди Бари.

Голема толпа минувачи, локални жители и пожарникари потоа се собрале на плоштадот чекајќи развој на настаните, додека десетици илјади луѓе следеле пренос во живо од местото на настанот.

Припадници на специјалните сили на карабинерите биле итно префрлени со авион од Тоскана. Дури неколку часа подоцна тие упаднале во банката кршејќи прозорец. Неколку истрели и силни звуци од шок-бомби, кратко потоа, можеле да се слушнат на преносот во живо.

Но дотогаш, ограбувачите веќе избегале преку тунел поврзан со канализацискиот систем.

Фанпејџ.ит објави дека сè уште не е можно да се утврди вредноста на украденото бидејќи ограбувачите ги испразниле личните сефови, а не готовината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот