Балканска лига: ТФТ со две победи од мини турнејата во Бугарија

Трета победа за ТФТ сезонава во БИБЛ кошаркарската лига/Фото: @tft_basketball/facebook.com/BalkanLeagueBIBL/

По Академик (86:81), „црно-белите“ во бугарската „турнеја“ беа подобри и од екипата на Берое со 96:86 во Балканската лига. Со максимални две победи во два натпревари се враќаат кошаркарите на ТФТ на мини турнeјата во Бугарија.

По успехот остварен пред 24 часа во Пловдив, денеска екипата на тренерот Боро Смилковски беше подобра и од Берое. Во воведните 10 минути на дуелот во Стара Загора, ниту една од двете екипи не се стекна со некоја поголема предност, Берое имаше минимални 22:20.

Работите почнаа да се менуваат во втората четвртина, кога македонскиот претставник заигра уште подобро во нападот, и до полувремето обезбеди разлика од девет поени (47:38).

Не се задоволија со тоа гостите, притиснаа уште повеќе по паузата од 15 минути. Делуваа сигурно во напаѓачките активности што беше и евидентирано во резултатот. По три периоди, ТФТ веќе беше на недостижни 75:58. И иако попуштија малку во офанзивата во последните 10 минути, таа позитива беше доволна за трет успех во регионалното натпреварување.

Дури шестмина гостински кошаркари ја надминаа границата од 10 поени. Со 16 коша ги предводеше повратникот во екипата од Тафталиџе, Тајрон Харис, а по 15 реализираа Костоски, Маслинко и Бродвеј. Сосема солидно беше и изданието на младите, во прв ред на Ташовски кој уфрли 12, и Николов кој заврши со 11 реализирани поени.

Со овие два триумфи во серија, ТФТ стигна до ефект од три победи и два порази со кои му се доближи на лидерот во групата „Б“ од БИБЛ лигата, Академик (ефект 4-1). А наредниот меч за ТФТ е на 1 декември, кога ќе му гостуваат на Ибар во Рожаје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот