Балканска книжевна награда: Романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски е кандидат за „Балканика“

Издавачката куќа „Магор“, како членка на Фондацијата „Балканика“, соопшти дека за национален претставник за книжевната награда „Балканика“ за 2020 година е избран романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски во издание на „Антолог“ од Скопје.

На конкурсот за избор на национален претставник за наградата „Балканика“ за 2020 година до членовите на жири-комисијата, во состав: Блаже Миневски, Александар Прокопиев и Елизабета Шелева, пристигнале вкупно осум книжевни дела. Во најтесниот избор на комисијата влегле романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски и романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, обата во издание на книгоиздателството „Антолог“. Ценејќи го комплетниот естетски впечаток, поетичката кохерентност и заокруженост на посочените дела, романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, со мнозинство гласови од жирито е избран за македонски кандидат за „Балканика“.

Во образложението за изборот на романот „Скриени желби, немирни патувања“ стои дека „делото се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред сѐ, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот. Наративната поетика на делото останува доследна и препознатлива по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, аскетизмот, кондензацијата, суптилно поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури. Секојдневните средби на луѓето, во низа од различни простори, нивните непресушни (и крајно непредвидливи) разминувања и созвучја, во ова дело се прикажани како темелен наратив, генерички именител на самиот животот/и постоењето, како синџир од (наизменични) средби, траења и разделби“.

Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година, од релевантни издавачки куќи од седум држави на Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на „Балканика“ се наоѓа во Софија, Република Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов. Во „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави членки на фондацијата. Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и вон балканските држави. Наградата е значајна и за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и за афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Според извршените консултации и заедничкиот договор на сите членки на Фондацијата „Балканика“ одлучено e поради пандемијата, наградата „Балканика“ за 2020 година да биде доделена заедно со наградата за 2021 година. Манифестацијата „Балканика“ годинава најверојатно ќе се одржи во Атина, Грција. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.

Насловна фотографија: Сашо Димоски

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 65, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-24 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот