Момчило Бајагиќ Бајага и Владо Јаневски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Бајага и Владо Јаневски пред заедничкиот настап: „Нешто поголемо од концерт, 40 хитови отсвирени на еден музички празник“

Славните пејачи и текстописци Момчило Бајагиќ Бајага и Владо Јаневски за првпат ќе настапат заедно на македонската сцена на 14 февруари во Арена „Борис Трајковски“ во Скопје, со четиричасовен концерт, организиран од „Авалон продукција“. Денеска, по повод на претстојниот концерт, се одржа прес-конференција на која Бајага и Владо Јаневски споделија нови детали за концертот, како и анегдоти од минатото.

Идејата за заедничкиот концерт се појавила по минатогодишниот откажан концерт на Владо Јаневски, кога се предложило, наместо два посебни големи концерти, да се одржи „нешто поголемо од концерт, 40 хитови во една вечер за еден музички празник“.

„Од почетокот, кога се спомена Бајага ми беше добра вибрација, бидејќи сме другари долго, половина живот се знаеме и сме сличен сензибилитет. Знам како е да стоиш на бина со него, енергијата е добра. Мене ми беше сосема природно да прифатам кога ми го спомнаа Бајага“, рече Јаневски.

Момчило Бајагиќ Бајага, Бобан Милошевски и Владо Јаневски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Тој посочи дека главната цел е посетителите на концертот да го добијат тоа за што платиле.

„Не е негов или мој концерт, туку наш концерт. Ако е за публиката и за добра забава, 4-5 часа да има концерт, луѓето да добијат што повеќе за парите што ќе ги платат, ние ќе бидеме среќни“, додаде тој.

За очекувањата дека можеби на концертот ќе има и заеднички настап на една или повеќе песни, пејачите рекоа дека тоа најверојатно ќе се случи природно, затоа што, според нив, нивната музика има многу допирни точки, но дека сè уште нема ништо конкретно испланирано.

Владо Јаневски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Тие се навратија на нивното прво запознавање, пред многу години, додека Јаневски го создавал својот прв студио албум.

„Бајага ја почна кариерата 15 години пред мене, сме се родиле во исто време, но тој, додека се радувал како голема ѕвезда во Југославија на 18, 19 години, јас воопшто не сум мислел ни дека ќе пеам. Моја иницијатива беше да се запознаеме, затоа што сакав на мојот прв албум да има негови песни, таа иницијатива доведе до нашето запознавање. Потоа, сфативме дека сме блиски по сензибилитет, но првобитното запознавање дојде по моето ‘молење’, како почетник да го запознаам со него“, раскажа Јаневски.

Од својата страна, пак, Бајага не знаел за Јаневски пред да се запознаат.

„Мене ми беше интересно дека дознав дека има некое младо момче во Македонија кој знае добро да пишува текстови и кој може добро да ја отпее ‘Твоите очи’ на македонски. Мене тоа ми беше добро како идеја“, додаде Бајага.

Момчило Бајагиќ Бајага, Бобан Милошевски и Владо Јаневски / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Текстописците, исто така, споделија дека нивните песни сè уште ги пишуваат рачно, на лист со пенкало, а не на компјутер. Во новата книга на Бајага може и да се видат оригиналните примероци од неговите најголеми хитови, сите напишани само со лист и пенкало.

За крај, двајцата се согласија дека во музиката и во песните кои ги пишуваат мора да има вистина и искуство повеќе од идеализирана романса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот