Азилантот Груевски со највисок рејтинг во државата
Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој сега е азилант во Унгарија, Никола Груевски има најголем рејтинг во државава, покажуваат податоците од последната анкета на ИРИ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На прашањето „Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, на која личност од Северна Македонија гледате најповолно“, за Груевски се определиле 7%, што е за 4 проценти повеќе во однос на анкетата од 2021 година.
Поголем рејтинг од претходната анкета има и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кого го поддржуваат 6 отсто од анкетираните, и тоа е за еден процент повеќе од лани, а претседателот на Левица, Димитар Апасиев сега има поддршка од 3 отсто од анкетираните или еден процент повеќе од лани.
Актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има доверба од 6 отсто, односно 2 проценти помалку од лани, а намалена е и популарноста на претседателот Стево Пендаровски за кого се определиле 3 отсто од анкетираните, еден процент помалку од лани. Поранешниот премиер Зоран Заев има драстичен пад на популарност и сега за него се определиле само 2 отсто од анкетираните, за разлика од минатата година кога имаше 9 отсто од гласовите на анкетираните. Поранешниот претседател Бранко Црвенковски, пак, ја зголемил популарноста за еден процент.
Зијадин Села има непромената популарност од 2 проценти, а Билал Касами паднал од 4 на 3 проценти.
Анкетата покажува и дека во случај утре да се одржат предвремени парламентарни избори 19 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ би гласале 11 отсто од македонските граѓани, околу 7 отсто својот глас би го дале за ДУИ, а 6 отсто за политичката партија Левица. Во споредба со податоците од ланската анкета, рејтингот на владејачката СДСМ паднал за 5 отсто, а на ВМРО-ДПМНЕ за само 1 отсто. Рејтингот на ДУИ останал ист, додека на Левица се зголемил за 2 отсто.
Анкетиран е национално репрезентативен примерокот од 1.207 испитаници на возраст од 18 години и повеќе. Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на Тејлор Нелсон Софрес и Галуп Интернешнл). Податоците се собрани од 23 септември до 13 октомври, 2022, со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Податоците се пондерирани според возраст, пол, регион, населеното место (урбано/рурално) и етничката припадност. Маргината на грешка е +/- 2,8 поени на ниво на доверба од 95%, а стапката на одговор е 69%.


