Настанот ќе се одржи на Академската сцена при ФДУ

Авторски перформанс на Јасна Жмак ќе се одржи во рамките на фестивалот „Прво па женско“

На Академската сцена при Факултетот за драмски уметности – Скопје на 10 декември, со почеток во 20 часот, хрватската писателка и драматургина Јасна Жмак ќе го изведе својот авторски перформанс „Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата“ (this is my truth, tell me yours).

Гостувањето на Јасна Жмак во Скопје е дел од тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, во организација на „Тиииит! Инк“.

Перформансот претставува личен и искрен авторски проект во кој Жмак го преиспитува својот однос кон уметничкото поле, отворајќи прашања за авторските позиции, нивната одговорност, како и за анксиозностите што ги носи творечкиот процес.

Појдовна точка е нејзиното лично искуство од 2011 година, кога за време на претставата „Mandić Stroj“, поради истрел од сценски пиштол, добива тинитус и хиперакузија – случка што подоцна станува основа за нејзиното истражување на начинот на кој уметноста директно влијае врз нашите животи и реалности.

Иако на прв поглед далечни, темите на тинитусот и патријархатот во претставата стануваат централни оски околу кои се гради изведбата – на границата меѓу стенд-ап и перформативно предавање.

Жмак, која за првпат се појавува на сцена како изведувачка, нѐ води низ своите драматуршки и сексуални искуства, поставувајќи прашања за вистинитоста, репрезентацијата, партиципативноста и смислата на уметничкото творење во капиталистичкиот контекст.

Во октомври, перформансот ја освои највисоката Гран-при награда „Мира Траиловиќ“ на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ во Белград. Беше нагласена неговата автентичност, прецизност и повеќеслојност, како и критичкиот и храбар пристап кон патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности. „Бевме воодушевени од спојот на нежност, дарежливост и искреност, а особено сакавме да ја истакнеме и поддржиме кревкоста и неуништливата содржина на оваа претстава“, се вели во одлуката на жирито.

Јасна Жмак е писателка, драматургина и универзитетска професорка од Загреб. Предава на Академијата за драмска уметност. Таа е авторка е на повеќе значајни изданија.

Таа се издвојува во современата регионална уметничка и интелектуална сцена со храбриот пристап кон темите како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација. Опсегот на тие теми, од проза до театар, од документарно-автобиографски перформанси до психодрамска терапија, придонесуваат Жмак да е исклучително влијателна во сферата на современата уметност и критичкото мислење.

Настанот се одржува со поддршка на „Kvinna till Kvinna“, Амбасадата на Шведска во Северна Македонија и „Equality Fund“.

Сите средства собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за иницијативата „Сапорт Кочани“ (Support Kočani).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот