Авторска вечер со Борис Постников од Хрватска ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“
Во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ на 21 април, во 19:30 часот, ќе се одржи авторска вечер со Борис Постников, еден од најпознатите хрватски книжевници, колумнисти и критичари од средната генерација.
Препорачано
Борис Постников престојува во Скопје во текот на април, во рамките на книжевните резиденции во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
Во текот на Саемот на книга, Борис Постников ќе има серија средби со македонски издавачи, критичари, писатели и читатели.
Во текот на резиденцијалниот престој, д-р Борис Постников одржа и предавање на тема „Книжевна република Југославија“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во рамките на јубилејот 80 години од основањето на Филолошкиот факултет, како и јубилејот 45 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност.
Во предавањето Постников го претстави концептот на „книжевна република Југославија“, конструиран по примерот на синтагмата „светска книжевна република“ на теоретичарката Паскал Казанова, како теоретска и методолошка рамка за опишување на споделената книжевна сцена во поранешниот југословенски простор.
Борис Постников (роден 1979 година, Сплит) работи за неделникот „Новости“, каде што претходно бил заменик-главен уредник. Го основал и уредувал месечниот додаток „Културне новости“, посветен на културата на постјугословенскиот регион, а моментално ја пишува колумната „Непријателска пропаганда“.
Тој е член на редакцискиот одбор на „Критика-ХДП“, портал за литературна критика на Хрватското друштво на писатели. Порано бил главен уредник на културниот двонеделник „Зарез“ и уредник на програмата „Речник на постјугословенската литература“ на Третата програма на Хрватското радио. Работел и како копирајтер во рекламна агенција, но и во Министерството за култура на Република Хрватска, каде што се фокусирал на медиумската политика.
Неговите есеи, коментари и рецензии се објавени во бројни хрватски и меѓународни медиуми. Тој живее во Загреб, а претходно периоди од својот живот ги поминал во Сараево, Сплит, Нови Сад и Дрвеник во близина на Макарска.


