Австрискиот претседател Ван дер Белен во посета на Македонија, ќе се обрати и пред пратенците

Австрискиот претседател Александер ван дер Белен, на покана на претседателот Стево Пендаровски е во официјалната посета на Македонија и денеска ќе го започне работниот дел од посетата, а покрај со неговиот домаќин, ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со премиерот Димитар Ковачевски.

Ван дер Белен, според најавите, ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на официјална церемонија во вила „Водно“, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Австрија. Исто така, предвидено е и негово обраќање на свечена седница во македонското Собрание.

Според агендата за посетата, двајцата претседатели треба да се обратат на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија“, а предвидено е претседателот Ван дер Белен и претседателот Пендаровски во црквата „Св. Спас“ во Скопје да положат венци на гробот на Гоце Делчев.

Престојот во Република Северна Македонија австрискиот претседател Ван дер Белен го започна вчера со посета на Охрид, по што во придружба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, синоќа ја посети Старата скопска чаршија.

Фотографиите од прошетката ги објави министерката Костадиновска-Стојчевска на својот фејсбук профил каде напиша дека „Св.Спас“ во Скопје, Мурат-пашината џамија, Старата скопска чаршија, Галеријата на Даут Пашиниот амам со сета негова убавина, се дел од традиционалните вредности, и современата македонска култура со која претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, со сопругата и со високата австриска делегација се запознаа во нашата земја.

„За време на кратката прошетка, австрискиот претседател имаше можност да се запознае со повеќе сегменти од историското минато и со културно-историскит споменици градени низ вековите околу овој потег на градот“, соопштија од Министерството за култура.

Костадиновска-Стојчевска и Ван дер Белен го посетија и Капан ан, а гостинот од Австрија се запозна и со родното место на Мајка Тереза и со придонесот на нашата држава во негувањето на универзалните хумани вредности за кои се залагаше оваа светица. Делегацијата беше информирана и за историјата на Камениот мост, а го посети и Даут-пашиниот амам, каде што се запозна со дел од македонската современа уметност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот