Австралија ги очекува првите дози на анти-ковид вакцина во јануари
Австралиските власти соопштија дека првите дози на вакцина против Ковид-19 ги очекуваат во јануари, а премиерот Скот Морисон вчера кажа дека дневниот број на новоинфицирани е најмал во последните 10 недели.
Препорачано
Морисон притоа откри дека владата со компанијата „CSL Ltd“ постигнала договор за производство на две вакцини. Првата е развиена од конкурентската фармацевтска компанија „АстраЗенека“, во соработка со Универзитетот во Оксфорд, а втората е таа што во своите лаборатории ја развива компанијата „CSL Ltd“, во соработка со Универзитетот во Квинсленд, пренесоа британските медиуми.
– На Австралија и треба малку надеж. Денеска направивме значаен чекор кон подобрата заштита на здравјето на нашите сограѓани и борбата против коронавирусот, рече Морисон.
Министерот за здравство Грег Хант изјави дека за време на тестирањето и двете вакцини покажале потенцијал да обезбедат „долготрајна заштита”.
Премиерот изрази очекување дека „CSL.Ltd“ ќе испорача околу 3,8 милиони дози вакцини според лиценцата на „АстраЗенека“ и дека државата ќе набави лекови од „CSL Ltd“ доколку тестовите се покажат ефективни.
– Доколку двете вакцини ги минат сите клинички испитувања, Австралија ќе издвои околу 1,7 милијарда долари за вкупно 85 милиони дози, најави австралискиот премиер.


